Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15-годишник од Кавадарци, за сторено кривично дело „Тероризам“. Малолетникот во два наврати испратил закани за бомби до училишта.
Од МВР соопштија дека тој на 4 декември од неговиот персонален компјутер до електронските адреси на три основни и три средни училишта на територијата на Општина Кавадарци испратил заканувачка порака за поставена бомба во објектите на училиштата. Исто така, од МВР велат дека малолетникот испратил заканувачка порака со слична содржина и на 12 декември до службената електронска адреса на основно училиште во Кавадарци.
„Од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам – Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи, извршена е антитерористичка проверка на сите училишта кои што ја добиле пораката, при што не се пронајдени експлозивни направи. Со цел обезбедување на докази, врз основа на издадена Наредба од Судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, на 12.12.2022 година е извршен претрес на дом и други простории каде што живее лицето, при што одземени се еден компјутер и мобилен телефон, кои ги користел кривично пријавениот. Истиот ден, врз основа на судска Наредба, од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика извршен е преглед на електронските уреди кои ги користел малолетникот, при што се пронајдени докази за испратените пораки со заканувачка содржина“, соопштија од МВР.
Инаку, МВР претходно поднесе кривична пријава и против малолетник од Скопје за делото „тероризам“ откако на 4 ноември тој испратил заканувачка порака за поставени експлозивни направи во четири средни училишта на службените електронски адреси на училиштата.
Од 26 октомври годинава, бројни основни и средни училишта беа на мета на лажни дојави за бомби. Во изминатиот период, ваквите закани се проширија и на други институции и објекти, па така, дојави за бомби, меѓудругото беа пријавени и во Народната Банка, Министерството за надворешни работи, Транспортниот центар и повеќе трговски центри и станбено-деловни комплекси.