Во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), постојано стасуваат пријави од училишта во кои хигиената не е на задоволително ниво, вели за Мета.мк в.д. директорката на Инспекторатот, д-р Рената Младеновска. Според неа, пријавите стасуваат од родители, односно од претставниците на Советите на родители, но и од самите наставници кои работат во училиштата во кои не се одржува хигиена, пишува Мета.
Изминатиов период има изолирани случаи на појава на бактеријата МРСА (Methicillin-resistant Staphylococcus aureus) во некои скопски училишта, но директорката тврди дека засега во Инспекторатот никој не пријавил дека има вакви случаи, за да можат инспекторите да постапат.
„Во однос на бактерија МРСА, досега немаме пријава. Но, откако сум на оваа позиција, во последниве три месеци ни пристигнуваат претставки од училишта во кои не се одржува хигиената. Тоа е најчесто од различни причини, или нема доволно хигинеичарки, или пак, училиштето нема договор со фирма или пак нема средства за хигиена. Ние како ДСЗИ постапуваме, издаваме решенија и одиме во контрола“, вели директорката Младеновска.
Пријавите, вели таа, се однесуваат и на нечисти училници и училишни ходници.
„Најчесто се реагира за нечистотија по ходници, училници, но најмногу се реагира за нечисти тоалети. Или нема течен сапун или нема тоалетна хартија или пукнала цевка која не се санира, па тоа е извор на зарази. Откако ќе наложиме да се дезинфицира просторот, одиме во контрола. Често и ги продолжуваме роковите додека се среди ситуацијата“, објаснува д-р Младеновска.
МРСА не е опасна за здравите деца
Ако некое училиште или градинка пријави во ДСЗИ случај на појава на бактерија, согласно протоколите, инспекторите издаваат решение за темелно механичко чистење на просториите. Сепак, докторите се на став дека не треба да се крева паника и дека дури и да има случај на МРСА бидејќи таа е опасна само за оние со слаб имунитет.
„ МРСА не е опасна кај деца. Оваа бактерија не треба да ја има на пример, на Онкологија, на интензивна нега, во оддел за новородени деца (докторите и сестрите не смеат да ја имаат). Опасна е само за оние со слаб имунитет“, вели микробиологот проф. д-р Никола Пановски.
Според него, 30 отсто од децата ја имаат оваа стафилококна бактерија, која вели, често не дава никакви симптоми.
Педијатарката д-р Мира Атанасова, исто така вели дека за МРСА лекови не се даваат ниту локано ниту системски.
„Оваа бактерја не дава симптоми. Не мора да даде ниту секрет ниту затнат нос. Таа си е нормален жител во носот. Сепак, не смеат да ја имаат луѓето со месо што работат, со храна, бидејќи може да ја префрлат во храната. Но, кај здрави луѓе, таа ништо не прави“, вели д-р Атанасова.
Колку е опасна бактеријата?
Staphylococcus aureus е бактерија која може да се најде во носот и на кожата (особено во влажни регии како пазуви, препони, раце) кај една третина од здравата популација. Обично е безопасна, освен кога ќе влезе во телото преку исекотина или друга рана, па дури и тогаш предизвикува само мали кожни промени, особено кај здравите луѓе. Најчесто, MРСA инфекција се стекнува за време на хоспитализација или престој во други здравствени установи, како што се домови за стари лица или центри за дијализа. Овој тип на MРСA инфекција се нарекува болничка MRSA (Health care-Associated MRSA – HA-MРСA).
Како да се спречи ширење на вонболничка МРСА?
Институтот за јавно здравје има објавено препораки кои се однесуваат на тоа, како да се спречи пренесувањето на вонболничка МРСА. Мерки за хигиена кои ќе го намалат ризикот од ширење на МРСА се честото миење на рацете со топла вода и сапун, темелно сушење со хартиена крпа. Треба да се користи гел или течност за дезинфекција на рацете која содржи алкохол во услови кога сапунот и водата се недостапни. Не треба да се земаат антибиотици без совет од лекар.
„Несоодветна и интензивна употреба на антибиотици, може да го интензивира ширењето на отпорни бактерија. Доколку лекарот ви препорача антибиотик, земете земете го точно како што е пропишано и комплетно завршете го лекувањето“, наведено е во препораките на ИЈЗ.