Во текот на месец септември, Хелсиншкиот комитет за човекови права забележал тенденција на зголемување на бројот на инциденти сторени од омраза во споредба со изминатиот период.
Според месечниот извештај на Комитетот, регистрирани се 15 инциденти од кои 14 биле предизвикани од национална или верска омраза и нетрпеливост додека 1 инцидент бил предизвикан поради родовиот идентитет на жртвата.
Жртвата во единствениот инцидент предизвикан поради родов идентитет е транс-сексуална жена која била нападната со нож од непознат сторител во Тетово. Нападот се случувал пред очите на нејзин познаник. Во еден момент, додека жртвата бегала, на помош пристигнал друг нејзин познаник кој исто како и жртвата бил расечен со нож.
Останатите 14 инциденти се однесуваат на напади на малолетници во автобусите и на автобуските постојки каде постои и употреба на ладно оружје, насилно влегување во верски објекти и нивно оштетување, како и графити со навредлива содржина испишани на објекти од јавен карактер.
„Поради зголемениот број на регистрирани инциденти, Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до надлежните институции (МВР, јавни обвинителства, судови и ЈСП) со цел добивање дополнителни информации и потврда за сторените инциденти а истовремено побара сторителите на овие дела да бидат пронајдени и повикани на одговорност согласно позитивните законски норми. Комитетот укажа на потребата надлежните институции да преземаат сериозни мерки со цел превенција и намалување на бројот на инцидентите, а посебно на оние сторени од омраза“, се вели во извештајот.