Спакувај се и замини. Каде? Што е можно подалеку. Зошто? За да дознаеш. Спремај се и тргни. Можеш ли? Ако можев јас, можеш и ти, можат и сите останати. Се надевам дека имаш време? Слободен си, зарем не?
Осознај се самиот себеси, дозволи ѝ на интуицијата да те води. Верувај дека можеш, само треба да почнеш од некаде, да го направиш првиот чекор, а секој нареден оди сам по себе. Чекор по чекор, смело напред, дозволи ѝ на креативноста да те турка. Но, едно запомни, не смееш никако да се враќаш назад. Ако во некој момент се умориш, застани, собери сили, или чекај сѐ до моментот кога ќе решиш да го направиш следниот чекор напред. Правилата се едноставни, а сега, продолжуваме да чекориме по веќе избраната патека.Слобода Размислова е моето име и презиме. Егзотично на прв, па дури и на втор поглед. Слобода, бидејќи сум слободна како птица и само небото ми е граница. Размислова, бидејќи размислувам за секој мој чекор и постапка. Збирот на моето име и презиме, ни го дава резултатот – слободно размислување и слободно живеење на кое ќе се фокусираме и задржиме.
Слободата, секогаш, во суштина, се состоела од правото да го избереш она што сакаш да го избереш, бидејќи така самиот си одлучил, без да бидеш присилен, или пак, проголтан од масивниот бирократски систем. Слобода значи и да дадеш отпор, како и да застанеш зад своите уверувања, само затоа што се твои уверувања. Така изгледа вистинската слобода.
За мене, слободата претставува небото, без разлика на тоа колку е далеку. За мене, слободата е како дишењето, нужна за да живеам. Слободата е сето она што ме опкружува, засмејува и растажува. Се што можам да допрам, да дофатам и да почувствувам. Слободата е мојот живот, го живеам и му се восхитувам. Слободата е моја пасија без која едноставно не можам да живеам.
Слободата дава храброст, став и уникатност. Дозволува самостојно и слободно да размислуваш, да избираш и да чувствуваш, без некој да те присили, или да го потопи твоето со своето размислување. Слободата овозможува да го кажеш своето мислење. А, дали тоа е слично или различно од останатите размислувања е комплетно неважно.
На секој човек му е потребна слободата, но секој различно се однесува кон неа. Некому таа му сè, ја има, ја чувствува, ја живее и внимаваа да не ја загуби. Некој, пак, станал роб и не е свесен дека некаде на својот пат ја изгубил. Некому слободата му недостига, но не прави ништо за да ја пронајде. Можеби, му била насилно одземена. Како и да е, не се осмелува да се бори за неа. А, постојат и луѓе, кои нуморно ја бараат, бескрајно ја посакуваат, но им бега. Не знаат како до неа. Сепак, убедена сум, најбројни се оние кои упорно и постојано се борат за слободата, трагаат по неа, а кога ќе ја освојат уживаат во нејзините плодови.
Никогаш не смееме да заборавиме дека сите ние, како граѓани на една демократска држава, имаме право да бидеме слободни. Тоа право никој не смее да ни го одземе. Затоа, јас, Слобода Размислова, гласно ве повикувам: „ Ајде, одблизу, да се запознаеме со слободата. Да се обидеме да ја прегрнеме цврсто и никогаш да не ѝ дозволиме да си замине“.
Тина Вергова
Авторката е студентка
Програмата „Млади промотори на слобода на изразување“ ги поттикнува младите луѓе преку есеи, мултимедијални продукти и кампањи што сами ги осмислуваат да бидат активни граѓани кои се борат за слободата на изразување, а против говорот на омраза, стереотипизирањето и етикетирањето. Авторите на есеите, мултимедијалните продукти и на кампањите се средношколци и студенти кои штотуку стапнуваат на јавната општествена сцена и бараат слободен простор за себе и за своите ставови. Повеќе информации за активностите во проектот може да добиете на http://www.mof.mk/izrazise/
Проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), го реализираат НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум. Содржината на текстовите е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија.