Кризите со човекови права кои се случија во 2022 година предизвикаа огромно човечко страдање, но истовремено отворија и нови можности за глобално лидерство за човековите права, вели директорката на Хјуман Рајтс Воч (ХРВ), Тирана Хасан, по објавување на новиот годишен извештај за човековите права.
Таа се повикува на нов модел на глобално лидерство за човекови права, посочувајќи дека во свет во кој моќта доживува промени, повеќе не е возможно да се очекува од мала група влади да ги брани човековите права. Според неа одговорноста мора да биде на поединечни држави, мали и големи, кои треба да ги применат принципите на човековите права во нивните политики.
„Минатата година покажа дека сите влади носат одговорност за протест за човековите права низ светот. По период на менување на моќта има многу повеќе, а не помалку простор за државите да застанат во одбрана на човековите права откако се појавуваат нови коалиции и нови гласови“, објаснува Хасан.
Извештајот на 712 страници ја разгледува состојбата со човековите права во скоро 100 држави низ светот каде оваа независна меѓународна организација функционира.
Во него се потенцираат злосторствата сторени од Русија во војната во Украина, третманот на Ујгурите од страна на Кина, активностите на Талибанците кои доведуваат милиони Авганистанци во ризик од глад и протестите во Иран, предизвикани од противењето на задолжителното носење хиџаб од страна на жените.
Хасан вели дека светската мобилизација околу руската инвазија во Украина потсетува на извонредниот потенцијал кога владите ја сфаќаат нивната обврска за човековите права глобално.,.
Москва презеде брутални воени активности во Украина со газење на човековите права и анти-воените активисти пригушувајќи го незадоволството и било каква критика на власта на Путин, додава таа. Сепак, една позитивност од руските активности било што го активирало целосниот глобален систем за човекови права, создаден да се справува со вакви кризи, посочува Хасан.
Таа истовремено упати критики до американскиот претседател Џо Бајден, за кој вели дека целосно го напуштил неговото ветување дека Саудиска Арабија ќе ја направи изолирана држава поради грубите кршења на човековите права.
Од регионот, во извештајот се опфатени Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
За БиХ организацијата вели дека властите не успеале да стават приоритет на заштитата на човековите права во 2022 и дека дискриминацијата врз малцинствата останува сериозна грижа. Напредок во гонењето на воените злосторства останал бавен, а единствена пофалба има за првата судска пресуда во која се потврдува дискриминација заснована на сексуална ориентација или родов идентитет, кога двајца активисти тужеа поранешна пратеничка поради охрабрување државните институции да дискриминираат ЛГБТ лица.
Во делот за Србија се потенцира дека во 2022 продолжил притисокот врз независните новинари, кои се соочувале со закани и насилство, се потенцира и спорото процесирање на случаи поврзани со воени злостроства, а се истакнува дека во Белград се одржал Европрајдот со полициска заштита и покрај тоа што властите го забранија одржувањето на овој настан.
Кај Косово извештајот исто така нотира бавен напредок за случаите на кршење на човековите права во периодот на војната, се истакнуваат тензиите кои настанаа откако косовските власти одлучија дека етничките Срби на северот на земјата нема да можат да влегуваат во Косово со српски лични карти или регистарски таблички. Дополнително се укажува на продолжувањето на нападите, малтретирањето и заканите врз новинари во земјата и дека државата несоодветно реагирала во тие случаи.
Целосниот извештај на Хјуман Рајтс Воч може да го најдете на следниов ЛИНК.