Кризата со трошоците за живот предизвикана од војната во Украина, енергетската криза, зголемената инфлација и пандемијата на коронавирус станаа најголемата грижа за граѓаните на Европската Унија, според новиот Евробарометар кој покажува дека 45 отсто од испитаниците во моментов имаат „некакви“ или „многу“ тешкотии со нивниот личен доход, јавува Евроњуз.
Дополнително, 46% од Европејците признаваат дека нивниот животен стандард веќе е намален како резултат на растечките кризи, додека 39% очекуваат да забележат пад некаде оваа година. Само 14% не очекуваат некаква промена или влијание.
Земјите каде што е забележан пад на животниот стандард е најизразен се Кипар, 70% од испитаниците велат дека стандардите „веќе се намалени“, Грција – 66%, Малта – 65%, Франција – 62% и Португалија – 57%, покажува извештајот.
Луѓето во нордиските земји се „најкомфорни“ со својот сегашен приход – 87% во Шведска, 86% во Данска и 84% во Финска, додека само 21% во Грција и Бугарија се задоволни со својата заработка.
Уште позагрижувачки е тоа што 30% од испитаниците признаваат дека се борат да ги платат месечните сметки „од време на време“, а 9% велат дека тоа е случај „поголемиот дел од времето“. Уште еднаш, Грција и Бугарија пријавуваат најголем дел од населението кое поминува низ овој вид тешкотии, со 86% и 64%.
Севкупно, 56% од Европејците изразуваат незадоволство од мерките преземени на ниво на ЕУ за справување со зголемените трошоци за живот, додека 64% го чувствуваат истото за активностите на нивните влади.
Во меѓувреме, севкупно, 93% од учесниците во анкетата велат дека се загрижени за кризата на трошоците за живот, вклучувајќи ги и зголемените цени на храната и енергијата. Сиромаштијата и социјалната исклученост – 82%, климатските промени – 81% и можното ширење на војната во Украина во соседните земји – 81%, исто така, претставуваат извори на вознемиреност кај граѓаните на ЕУ.