Украински и руски војници, Тито, Југословени, пирати, џокер, анонимуси, традиционалните маски Глупaвиот Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, беа само дел од маските на овогодишниот традиционален Вевчански карневал. Од почетокот на селото, па се до центарот, пладнево стотици маскирани Вевчанци продефилираа низ селото.
Карневалот стартуваше уште вчера со музичка програма на бројни изведувачи, но официјалниот дел започна денеска со пладневното дефиле на маски, на кое учесниците ги презентираа своите изработени маски мотивирани од различни секојдневни и несекојдневни животни ситуации.
Вечерва карневалската програма продолжува со настапи на музичари од 20 часот, за кога се најавени изведувачите „Баклава“, „Банда ентопика“, Нино Величковски и „Кумановски тамбураши“, „Некст тајм“ и „Перо бели“.
Вековниот Вевчански карневал завршува утре со василичарско оро и палење на овогодишните маски во центарот на селото.
Погледнете ја атмосферата од денешното дефиле на маските преку фотографиите на Радио МОФ.
фото: Радио МОФ
Мартин Колоски