Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска најави покренување кривична постапка против цементарницата „Титан Усје“, за, како што соопшти, непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, со што се загадува воздух, почва, вода, во поголем обем и со што се предизвикува опасност за животот и здравјето на луѓето.
Од Град Скопје соопштија дека изминатиот месец, самостојно, но и во соработка со Министерството за животна средина, изминатиот месец извршиле мерења на испустот на гасови од работењето на цементарницата.
„При извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје. Мерењата се извршени во два наврати, и тоа на 26 и 27 декември минатата година, и 3 и 4 јануари годинава. Во двата наврати измерени се огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух“, соопштија од Град Скопје.
Оттаму тврдат дека во декември, минатата година, измерени биле три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добиле и при мерењето кое било извршено на почетокот на месецов. Тие објаснуваат дека станува збор за испуштање три пати поголеми количини од дозволеното на метар кубен, секој час.
„Инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршија увид на работниот процес во цементарницата при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина. Имено, при последното мерење, констатирано е драстично пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух. Дополнително за загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен“, додаваат од Град Скопје.
Дополнително, градските власти велат дека е недозволиво граѓаните на Скопје, како што велат, „да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, обидувајќи се со ‘донации’ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања“.
Од градот се осврнаа и на краткорочните или популарно наречените „интервентни“ мерки, за кои посочија дека се преземаат само по укажување на Министерството за животна средина.
„По добивање на известување за алармантна состојба од Министерството за животна средина и просторно планирање градот постапува согласно мерките кои се препорачуваат за заштита на амбиенталниот воздух, а во согласност со Законот за заштита на амбиенталниот воздух. Одлука од Град Скопје за преземање на краткорочни мерки следува по добиено известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање“, додаваат од Град Скопје.
Истовремено, тие посочуваат дека на иницијатива на градоначалничката Арсовска, заедно со секторите во градот, активно работат и на спроведување повеќе континуирани мерки за намалување на загадувањето во градот.
Па така, тврдат дека дивите депонии во континуитет се чистат, се зголемуваат субвенциите за алтернативен превоз и се воведува ред во јавниот превоз во кој, како што велат, повеќе нема да можат да партиципираат возила кои немаат минимум ЕУРО 4 стандарди со цел намалување нa загадувањето од овие возила.