#РаскажиМи: „Ноќта чувана во шишиња“ од Бела Дона

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Ноќта чувана од шишиња“, испратен под псевдонимот Бела Дона.

Ноќта чувана во шишиња

Зима во 1956. Надвор е многу ладно и студот влегува во коските. Од големиот студ, вратите од домовите со тешкотии се отвараа и поради таа неволја луѓето беа заглавени дома со денови. На радио слушав дека снегот веел скоро 105 дена што за новиот град беше една тешка и студена зима. Јас само што стапнав на едно ново место.

Само што сакав да го шетам градот и еве заглавена сум во новиот дом со моето радио кое ме известува за зимската мистерија. Од мојата соба немам излезено со денови. Околу мене има ѕидови со многу слики и огледала. Бојата на ѕидовите беше ужасна што посакав да ја сменам во истиот миг, но во оваа ситуација не е возможно. Со тек на времето полека се навикнав на собата и ја засакав. Бојата не ми пречеше многу, а на ѕидовите ставав сè повеќе слики. Живеам во една зграда на главната улица. Од надвор зградата даваше изглед на оние што се на филмовите.

Имаше делови каде што недостасуваше пријатен дух во зградата. Прозорецот од мојот кабинет гледаше во плоштадот кој има морбиден изглед. Просто е празен и замрзнат. Кога се вселив во зградава, една тетка со многу бисери на вратот ми кажа дека сум единствениот млад дојденец во живеалиштето. Ми кажа дека недостасува младина во зградата. Беше многу љубопитна, но добра тетка. Ме прашуваше од каде сум, која сум и што работам. Како за добредојде ми даде тегла мед. Ми рече дека медот е од едно село и е убав со чај. Јас во истиот миг ја поканив и ја прифати поканата.

Старата тетка беше пријатна за разговор. Ја прашав зошто нема млади луѓе во зградава. Таа ми кажа една интересна случка. Го потенцира фактот дека зградата на времето била студентски дом и секоја вечер студентите приредувале забави, сè до оној ден каде што имало масакр. Биле убиени сите студенти од страна на еден непознат човек. По човекот се трагало, но случајот одамна бил затворен. Како што си одело времето, стариот студентски дом бил реновиран во станбена зграда и од тој ден немало влезено млада душа. По тој разговор, оваа приказна многу ме заинтригира.

Во мене се разбуди голема желба да ја истражам зградата, иако беше страшна приказната. По неколку дена собрав храброст да ја почнам истрагата. Најпрво ја разгледував мојата соба, но не најдов ништо интересно. Гледав под тепихот, ништо не најдов и на крајот решив да истражувам во зградата. Излегов од мојот стан и прво нешто што ми текна да истражам беше подрумот. Се симнав по скалите, подрум не најдов. Го видов чуварот и го прашав каде е подрумот, а тој ми рече дека нема такво нешто и се врати на читањето на весникот. Видов дека нема што да се прави и се вратив во станот.

Во зградата живеев два месеци. За тоа време никој не познавав освен тетката со бисерите. Често наминував кај нејзе. Еден ден таа ме замоли да однесам едни кутии на таванот. Јас прифатив и ме упати таму. Влегов во просторијата која беше исполнета со прашина, пајаци и оставина. Кутиите ги оставив на валканиот под и забележав нешто интересно. Мала врата. Се запрашав каде води таа врата. Тој дел каде што беше таа имаше многу документи со имиња и на нив беше забележан студентскиот дом. Веднаш ги земав, ги разгледав и заклучив дека за секој студент има досие со фотографија на нив и на број беа 43 студенти. Сите беа од различни градови, но она што ми го одзема вниманието беше задниот дел на сите досиеа. Таму пишуваше: поранешни студенти (сите се мртви).

По ова, почувствував заледување во крвта и како мравки да ми го поминуваат моето тело. Иако го чувствував стравот во мене ја отворив таа врата. Кога ја отворив во мене удри бран на прашина и чудна миризба. И покрај целиот хаос во просторијата забележав многу шишиња кои беа наредени на една маса. Беа темни, светли и полни со нешто. Едните беа со некоја течност, другите беа со… И на крајот разбрав што сè нема во нив. Во некое имаше хартии од весник, фотографии, па дури и заби и коса. Од толку љубопитност животот ми се скрати на нула. Сакав да излезам од тоа место, но првата врата некој ја заклучил.

Останав заглавена меѓу тој хаос. Нервозна бев и сакав да ја срушам вратата, но залудно. Колку повеќе паничев, толку повеќе ме надвладеа стравот и почнав сè повеќе да паничам. Сакав да заплачам, но ќе немаше никаква полза од тоа. Како единствено решение беше да викам. Викав, но никој не ме слушна. Ми беше страв да не завршам во некое шише и рефлексно искршив едно. Подот се обои во црвено. Крв. Мојот страв го достигна врвот и само истрчав надвор од просторијата.

Уште погласно викав и на крајот пред моите очи се појави темнина…

***

Расказот е испратен под псевдонимот Бела Дона, која за себе вели дека е средношколка која ги обожава книгите, театарот и уметноста.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.