[Галерија] „Шепаста револуција“ пред Влада, граѓаните на протест за убиените кучиња

„Правда за убијците“ – порачаа десетици активисти и граѓани кои со своите миленици денес излегоа на протест пред Владата. Тие протестираа за да го изразат својот револт за кучињата кои пред неколку дена беа убиени во Струга.

Со транспаренти и свирежи тие го покажаа своето незадоволство кон институциите од кои, како што велат, со години наназад добиваат само ветувања дека проблемот со кучињата по улиците ќе биде решен.

„Секојдневно, десетици немили настани нè потсетуваат дека овој проблем не е проблем за државата, иако нè засегнува сите нас. Имаме отрови по улиците и парковите, граѓани нападнати од кучиња, ѕверско изживување врз животни како последниот настан во Струга, кога над дваесет кучиња немилосрдно беа убиени со пушка на различни локации. Дали луѓето кои слободно се шетаа со оружје во рака размислија дека куршумите можат да залетаат и во луѓе?“, порача активистката Наталија Малзаркова од „Шепасти ентузијасти“.

Фото: Радио МОФ

Присутните ја блокираа „Илинденска“ од страната пред Владата и ги изнесоа конкретните барања до институциите меѓу кои и обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територијата на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците.

Истовремено, активистите побараа и:

– Задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – глоба од 80 евра првиот пат и 180 евра доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата;

– Зголемување на бројот на инспектори во АХВ или формирање посебно тело што ќе врши строги контроли за неодговорно сопствеништво (испуштање миленици на улици, фрлање легла од мали кутриња и сл. и за нечипирани сопственици);

– Зголемување на казните за неодговорно сопствеништво и нечипирани миленици бидејќи моменталната глоба од 30, односно од 15 евра, само ги стимулира луѓето да ги напуштаат своите миленици, со што се зголемува бројот на бездомни кучиња. – Забрана и казни за оплодување на домашни миленици освен за легално регистрираните одгледувачници;

– Ангажирање локални инспектори или формирање посебно тело, „Animal Police“, кое ќе врши надзор и пријавување на секое легло исфрлено на улица бидејќи секојдневно се соочуваме со нови и нови кутриња, кои како партали се фрлаат пред контејнерите. Сите тие понатаму стануваат бездомни кучиња доколку не ги преземат здруженијата и љубителите;

– Проблемот се решава од две страни – строго санкционирање на неодговорните сопственици на миленици, од каде почнува проблемот и сериозен ангажман од надлежните за справување со постојните кучиња кои ги има по улиците на една држава која претендира да биде демократска.

Малзаркова во својот говор ја посочи надлежна институција, која, како што рече со години не се вклучува во решавање на проблемот.

„Гледаме дека дел од граѓаните одговорноста за сево ова ја препишуваат на невладините организации. Ние не сме тие кои носиме и спроведуваме одлуки. Тука се институциите платени од наши пари кои треба да си ја вршат својата работа. Кај нас таа институција се вика Агенција за храна и ветеринарство, која за жал со години не мрда со прст на оваа проблематика, па можеби затоа граѓаните револтот го пренасочуваат кон здруженијата, бидејќи гледаат дека само тие се активно вклучени во проблемот со бездомните животни во оваа држава“, нагласи таа.

Таа додаде дека за една година вдомени биле над 5000 кучиња од земјава во странски држави.

Фото: Радио МОФ

По официјалниот говор и барања, микрофонот пред Влада беше оставен за секој што сака да каже нешто. Меѓу другото, присутните порачаа дека ова е само предупредувачки, а наскоро може да следува и голем масовен протест.

Премиерот Димитар Ковачевски денес изјави дека сите барања што вчера ги постави „Анима Мунди“ во однос на законските забрани за еутаназија и напуштање миленик – во целост ги поддржува. Првиот човек на Владата рече дека дал налог на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, да подготви сосема нов закон за миленици, во кои ќе биде опфатени барањата на организациите за заштита на животните.

Активистите за заштита на животните утре пред Влада ќе протестираат против убивање и мачење на бездомните кучиња

Б.Ш/И.С/А.Б