Како бодеж ми дојде јавната реакција од Младинскиот културен центар (МКЦ) дека деновиве повторно е мета на партиски игри. МКЦ соопштува дека постоечкиот в.д. директор, Ванчо Богоев, е сменет од позиција поради што неподлегнал на притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири. А, бидејќи сега веќе екс-директорот на МКЦ не ја потпишал таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, за кој МКЦ велат дека е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во Центарот, без никакво искуство и позадина во културна институција. Без конкурс каде би можеле да се пријават квалификувани луѓе од областа на културата. Дополнително, виталноста на МКЦ е ставена под прашање со тоа што буџетот им е доведен до само 8% од годишниот буџет со кој работеа минатите години. Ова се проблеми што ги наведува самиот Програмски колегиум на МКЦ.
Затоа, како новинар и редовен посетител на МКЦ, чувствувам должност да потсетам на неколку работи за Центарот, кој е меѓу единствените места во Скопје кои ја обавуваат функцијата за која се наменети – со програма и активности што се вивнуваат над површноста.
Прво, МКЦ лани одбележа половина век постоење! МКЦ е пренос на тешко стекнато знаење, влог и љубов. МКЦ е манифестација на градот кој недостасува во Скопје. МКЦ е нормалноста на нашиот поим за град, онаков каков што го сакаме. Како што викаше еден човек, голема уметност и култура на живеење е да разбереш што не треба да смениш. Да не чепкаш! МКЦ го движат луѓе од културата, зналци, јадро на креатори на иднината на земјава – и тоа треба така да остане и понатаму.
Да потсетам дека МКЦ во 2021 стана дел од Liveurope. Влезе во ЕУ пред Македонија да влезе во ЕУ. Liveurope е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, а значи спојка, поврзување на култни места по региони, високо професионални инфраструктури, со цел размена на добри практики и заеднички млади и нови уметнички откритија. Со тоа, МКЦ влезе во друштво на „Ancienne Belgique“ од Брисел, „FZW“ од Дортмунд, „Melkweg“ од Амстердам, „Blå“ од Осло, „Kino Šiška“ од Љубљана, „Musicbox“ од Лисабон, „Vega“ од Копенхаген, „Debaser“ од Стокхолм…
Да потсетам дека МКЦ ги има Синедејс, Здраво млади, МОТ, Земјотрес… МКЦ ја има денсинг салата со капацитет од 800 луѓе. Тука илјадници луѓе прописно се испотиле или имаат жуљеви на нозе од играње. Луѓе кои гледале свирки или перформанси на сцена, а потоа и самите свиреле или перформирале на таа сцена. Секој на секој е публика. Другар и поддржувач. Центарот го има и мултифункционалното кино „Фросина“, ги има и џебнотото кино, галериите каде се изложуваат уметнички проблесоци, подновеното бифе и платото, ја има и Ап(о)тека со плочи и сваштурии за спомен, потоа Детскиот креативен центар, Планетариумот, паркот со „бомбата“, а лани се прошири и со нова пермакултурна градина.
Да потсетам дека МКЦ го има и култниот знак „Ние сме од Скопје“, муралите, но и скулптурата на Малиот принц, која го илустрира постојаното истражување низ планетата наречена МКЦ и постојаното балансирање меѓу световите на возрасните и оние кои никогаш не сакаат да пораснат и се преточат со површноста. Оние што се ненаметливи креатори, а не манипулатори. Оние што се носители на прогрес, а не на просечност.
Да потсетам дека МКЦ во изминативе години имаше настани што донесоа нов бран на млади креативци. Музика, сликарство, танц, театар, перформанси, детски активности, ангжирана уметност. За разлика од пошироката млада генерација која во подоминантен период рецептира и прима, а не и креира, МКЦ се обидува да прави токму тоа.
Сето ОВА е знаење, солидарност и капацитет, што тешко некој надвор од МКЦ заедницата може да го достигне. А, МКЦ заедницата е огромна! Зборувам за сите оние што со своето постоење го дефинираат, обликуваат и помагаат МКЦ. Тука се дечките од Стотројка, Партизанска штампа / Колектив Ветерница, Пасворд, Џез фестивал, колективот Кула, Јадро, Гола планина, Скопскиот поетски фестивал, претставници од Шарла, ПМГ… Листата е долга, има уште многу. Сите тие се во нераскинлива врска со МКЦ, со она МКЦ што треба да остане какво што е, за да задржиме напредна мисла и здрав разум.
Далеку од памет е да се сече таа врска. Град Скопје и партиските играчи да размислат што сечат! На МКЦ треба да му се помогне, а не одмогне. За да можеме ние и сите млади, заедно со МКЦ, да продолжиме активно да го пополнуваме со содржини и вредности што се одраз на времето во кое живееме. А, без култура, без музика, без поезија, без театар, без активизам, без слободен простор – не се живее. Нема смисла.
Бојан Шашевски