Генералниот штрајк на француските работници денеска доведе до затворање на голем број училишта и бизниси, намалување на снабдувањето со електрична енергија и прекин на железничкиот и воздушниот сообраќај.
Поради пензиската реформа за која се залага претседателот Емануел Макрон од 2019 година, работниците постојано излегуваа на улица, а во последните две децении, Франција беше на врвот на земјите од Европската Uнија во однос на просечниот број на работни денови „изгубени“ поради штрајкови.
Според податоците на Европскиот синдикален институт, Франција имала најголем годишен просечен број на изгубени работни денови поради штрајкови на 1.000 вработени, односно 79 дена меѓу европските земји во текот на 2020 и 2021 година. На второ место е Белгија, со 57 изгубени работни дена, а потоа следат Норвешка со 50 дена и Данска и Финска со 49 дена.
Инаку, штрајковите против реформата на пензискиот систем низ Франција почнаа уште од утрово.
Синдикатите очекуваат милиони работници да демонстрираат ширум Франција за да испратат порака до владата и претседателот Емануел Макрон, кој е решен да ги спроведе реформите на кои се противат 68 отсто од Французите и поголемиот дел од опозицијата.
Просветните работници, железничарите, контролорите на летање, работниците во нафтената индустрија, медицинските сестри и лекарите денеска штрајкуваат против реформата која е дел од предизборното ветување на Макрон.
Клучната промена што ја предвидува предлог-законот што на почетокот на февруари ќе го разгледува францускиот парламент е постепеното поместување на границата за пензионирање од 62 на 64 години од 2030 година. Во повеќето европски земји оваа граница е веќе поместена, но Французите сметаат дека реформата ги погодува најранливите.