На маршот наречен „Преземање на Лима“ избија немири и судири меѓу полицијата и демонстрантите на големите протести кои синоќа се одржаа во главниот град на Перу.
Полицијата употребила солзавец против толпата која фрлала со камења, откако илјадници граѓани се собраа на протест на кој бараа оставка од претседателката Дина Буларте по политичката криза во земјата која трае веќе шест недели со инциденти во кои досега беа убиени повеќе од 50 луѓе.
Во ноќното обраќање до нацијата, Буларте информираше дека полицијата ги ставила протестите под контрола и најави дека оние кои учествувале во насилство и вандализам ќе бидат казнети.
„Ова не беше мирен марш“, рече претседателката, додавајќи дека нејзината влада е обединета.
Буларте рече дека протестите немале никаква „социјална агенда“, туку напротив биле организирани за „кршење на владеењето на правото, генерирање хаос и неред и насилно преземање на власта“.
„До сите граѓани на Перу, до оние кои сакаат да работат во мир и до оние кои генерираат протести – нема да се заморам да ги повикувам на добар дијалог и да им кажувам дека сите ние работиме во интерес на државата“, изјави претседателката.
Вчера илјадници луѓе маршираа околу Плоштадот „Сан Мартин“ во Лима, а многумина од присутните носеа транспаренти на кои беа напишани местата од кои доаѓаат.
„Сакаме правда, не сакаме жртвите да бидат заборавени. Сакаме узурпаторите да се тргнат, таа не не претставува“, изјавил еден од демонстрантите за Гардијан.
Во судирите со полицијата во јужниот град Арекипа, каде демонстрантите се обиделе да го преземат аеродромот, едно лице починало, а околу 10 луѓе биле повредени, информираа од канцеларијата на перуанскиот народен правобранител. По инцидентите неколку аеродроми во земјата беа затворени за сообраќај, а голем дел од државата беше парализирана поради поставените повеќе од 120 блокади на патиштата.
Последните протести се предизвикани и од растечкиот број на убиени лица. Протестите започнаа на почетокот на декември, во знак на поддршка на поранешниот претседател Педро Кастиљо, кој беше отстранет од функцијата по гласање на импичмент во перуанскиот Конгрес. Потоа барањата на протестите главно се насочија кон барањата за оставка од Буларте, распуштање на Конгресот и предвремени избори. Буларте беше заменик-претседател на Кастиљо и го замени откако тој се обиде да го распушти Конгресот преку декрет на 7 декември.
Буларте изминатава недела изјави дека не размислува да поднесе оставка. Од Канцеларијата на високиот претставник за човекови права на ОН претходно соопштија дека „се многу загрижени за растот на насилството“ во Перу.