Гугл подели 12.000 откази и со тоа станува последната голема технолошка компанија која започна со значително намалување на работните позиции поради растечката инфлација и кризата која ги зафати глобалните пазари.
Укинувањето на работните места ги соопшти директорот на Гугл, Сундар Пичаи, во мејл до вработените испратен денеска и во блог-објава. Работните места кои се укинуваат сочинуваат вкупно 6% од сите вработени во Гугл на светско ниво.
За споредба, во последниот период Мајкрософт најави 10.000 откази (5% од работните места), Амазон укинува 18.000 работни места (6% од работната сила) и Мета со 11.000 откази (13% од вработените).
Пичаи вели дека укинувањето на работните места е момент за компанијата за „заострување на фокусот, обмислување на основите и насочување на талентот и капиталот кон нивните највисоки прироитети“. Според него клучно поле во иднина ќе биде вештачката интелигенција.
„Уверен сум за огромната можност пред нас, благодарение на силата на нашата мисија, вредноста на нашите продукти и услуги и нашето рано инвестирање во вештачката интелигенција. За целосно да ја зграбиме, мораме да донесеме тешки одлуки“, вели Пичаи.
Оние кои ќе добијат откази во САД ќе имаат право на минимум четири месечни плати како отштета, бонусите кои им следуваат за 2022 година и платен преостанат годишен одмор, а компанијата ќе им понуди и полугодишно покривање на здравственото осигурување. Во објавата Пичаи најави дека вработените во Гугл надвор од САД ќе добијат отштети во согласност со локалните закони и процедури.
Финансиските извештаи на Гугл од октомври 2022 покажаа дека компанијата имала приходи од 69 милијарди долари и профит од 13,9 милијарди долари – што претставува зголемен приход, но намален профит во споредба со истиот квартал во 2021 година.
Пичаи лани веќе најави дека компанијата ќе запре со вработувањето нови луѓе во компанијата, потенцирајќи дека вработените ќе мора да работат со „поголема итност, поостар фокус и да бидат погладни од она што го покажувале кога времињата биле подобри“.