Можеби Русија веќе не е тоталитарното општество со кое владееше мојот прадедо Никита Хрушчов пред шест децении, но, по сè изгледа, тоталитаризмот и натаму е во нејзината ДНК. Кремљ сè уште си измислува своја реалност, без разлика колку е апсурдна или невозможна, и бара лековерност од народот.
Ако војната беше мир во Океанија од „1984“ на Џорџ Орвел, „специјалната воена операција“ на претседателот Владимир Путин практично е форма на миротворство во Русија од 2022 година. Инвазијата на Украина на 24 февруари секако не претставуваше причина за особена загриженост за средната граѓанска класа на Русија, која продолжи да се забавува како да е 2004 година – врвот на економскиот бум на претседателот Владимир Путин стекнат преку нафтата и гасот – додека руските тенкови минуваа преку границата.
Всушност, беше тешко да се гледа нестварниот, лажен мир низ кој помина Русија во првите шест месеци по инвазијата. Додека Украина – татковината на голем дел од моето семејство и земја со извонредна убавина – беше безмилосно бомбардирана, нејзиниот главен град беше опколен, а нејзините луѓе беа протерани од своите домови, приморани да најдат засолниште во странство или да се борат за својата земја, обичните Руси едноставно си тераа со животот како ништо да не се случува.
Да, санкциите донесоа некои промени кај жителите на Москва и Санкт Петербург. Некои луксузни стоки ги снема од полиците на продавниците, а некои западни синџири ги затворија вратите. Но, Русите сè уште можеа да уживаат во доволно работи – доволно играчки, задоволства и луксузи до кои добија пристап по распадот на Советскиот Сојуз пред три децении – што војната за нив остана далечна. Насилството во соседството беше незначајно – или можеби премногу важно – за обичните Руси да се фокусираат многу на тоа. Путин нека се грижи за тоа, како што се грижи за сè. Не гледам никакво зло, не слушам никакво зло, не кажувам ништо.
За некој од западот да не се почувствува супериорен, сетете се дека и во западните општества преовладуваше слична консумеристичка возбуда, небаре народот носи капаци на очите, за време на безброј конфликти, злосторства и непочитувања на стандардите, извршени и дома и во странство. И денес, на многу луѓе во западните демократии им е мило што склучуваат неморална зделка со нивните лидери, зделка што поприлично наликува на онаа што можеме да ја видиме во Русија.
Кога Доналд Трамп непрестајно лажеше, со неговите расистички и антисемитски коментари, опортунистички си го градеше својот капитал и го корумпираше Министерството за правда, колкав отпор дадоа Американците? Да, имаше неколку протести, а Трамп на крајот не доби доволно гласови за повторно да биде во Белата куќа. Исто така, назначената Комисија на Претставничкиот дом и натаму ја истражува неговата вмешаност во упадот во Капитол Хил на 6 јануари.
Но, Трамп и натаму добива цврста поддршка од голем број Американци, вклучувајќи ја речиси целата постава на Републиканската партија. Причината е едноставна: тој им даде тројца десничарски судии во Врховниот суд (кои, откако се поставени, поништуваат преседан по преседан, вклучително и полувековната одлука за легализирање на абортусот на државно ниво), следеше дерегулација што оди во полза на бизнисот и намалување на даноците за богатите.
Слично на тоа, Британците му дозволија на поранешниот премиер Борис Џонсон да се извлече без никакви последици за безбројните владини договори склучени поради орташтво или непотизам, без потребните квалификации, а да не зборуваме за покажувањето целосен презир кон парламентот и круната, и тоа траеше повеќе од три години. Очигледно, важно беше само тој да издејствува да се случи Брегзит.
Во Полска, владата предводена од Партијата за правото и правдата на Јарослав Качински ги заплаши судовите и повеќето медиуми во земјата. Но, истовремено си купи и безмалку робовска поддршка од руралните и сиромашните гласачи со бројни субвенции.
Трансакцискиот карактер на владеењето станува сè поизразен – и сè повеќе го поттикнува авторитаризмот. Ги даваме своите гласови за да ги унапредиме интересите и вредностите на своето племе, а не за доброто на нашата земја, а камоли на светот. И наместо исполнување на барањата на гласачите – финансиски, религиозни, идеолошки или други – лидерот во суштина добива дозвола целосно да ги занемари правата и ставовите на другите, како и демократското владеење и етичките норми.
Бидејќи луѓето како Трамп и Путин го знаат ова, тие се поклонуваат на материјалните желби на луѓето и ги распламтуваат нивните стравови. Па, како што Трамп ги демонизираше имигрантите од Латинска Америка, Путин го искористи самото постоење на трансродови и небинарни луѓе за да ја оправда својата војна против Украина, за која тој тврди дека е неопходна за да се спротивстави на „диктатурата на западните елити“ која се обидува да „ја собори верата и да ги урне традиционалните вредности“.
Омразата насочена кон малцинска група може да биде страшно политичко оружје. Малкумина умееле да го искористат толку ефикасно по Џозеф Гебелс.
Големата предност за популистите е што нивното пазарење со гласачите не е фиксно. Ако нивната политичка база прифати некој нов наратив или нова кауза, тие едноставно го менуваат својот став и тврдат дека тие биле првите што зазеле таков став. Секој што ќе противречи на тоа со тоа што ќе укаже на минатото станува член на „лажливата и корумпирана медиумска елита“.
Војната во Украина е пример за тоа. На почетокот, лојалистите на Трамп кои се наклонети кон Путин – со исклучок на некои презентери од Фокс њуз, како што е Такер Карлсон – во голема мера молчеа. Трамп отиде дотаму што го прогласи своето противење на руската инвазија, која знаеше дека повеќето Американци ја гледаат како варварски чин.
Денес, Американците продолжуваат да го величаат херојството на Украинците. Но, нивните заложби да им укажат помош опаѓаат. Многу републиканци сега велат дека американската помош за Украина чини премногу, тврдејќи дека САД даваат „бланко чек“. Слоганот на Трамп „Америка на прво место“ – што во суштина значи „само Америка“ – ја задржува својата привлечност.
Се чини дека кај руската средна класа се повеќе се будат заспаните морални вредности во однос на Украина, иако за да дојде до тоа будење требаше да стане многу реална можноста нивните синови, татковци и браќа да бидат регрутирани – не беше причината самото страдање на Украинците. Но ова нема многу да ѝ помогне на Украина ако сè поголем број американски републиканци ги затворат очите и го свртат грбот.
Социјалниот договор подразбира согласност од сите членови на едно општество да се придржуваат до одредени правила и норми во замена за заеднички придобивки. Меѓутоа, популистите претпочитаат зделка заснована на исклучување и трибализам, поради што го прифатија Путин како модел на лидер.
Фактот што Путин ја препозна моќта на овој пристап кон владеењето може да биде изненадувачки, бидејќи тој не е наклонет на длабока опсервација и размисла. Ни Трамп не е наклонет кон тоа. Можеби тоа е најподмолниот аспект на популистичкиот општествен договор под кој сега живее преголем дел од нас: тој воопшто не се заснова на мисла, туку на страв, понижување и отуѓување. Тоа се чувствата што ја продолжуваат тиранијата и поттикнуваат агресивна војна.
*Нина Л. Хрушчова, професор по меѓународни прашања во „The New School“, е виш соработник во Институтот за светска политика. Најновото дело, напишано во коавторство со Џефри Тејлер, е наречено: “In Putin’s Footsteps: Searching for the Soul of an Empire Across Russia’s Eleven Time Zones” („По стапките на Путин: Во потрага по душата на една империја низ седумте временски зони на Русија“).
**Авторски права: Project Syndicate, 2023 година. www.project-syndicate.org
***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.