Фејсбук страницата на Мисијата на ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка на Европа) во Скопје вчера беше хакирана, па така и преименувана во „Đỗ Thị Thanh Tâm“. Од она што може да се види, променета е профилната фотографија на страницата, како и насловната фотографија, каде стои број за кој се вели дека претставува „хотлајн“.
На страницата која има нешто повеќе од 9.600 следачи, а која е создадена во 2015 година, јасно може да се види дека била преименувана на 20 јануари. Дополнително, во делот за транспарентност на страниците на Фејсбук, може да се забележи дека страницата моментално е управувана од две локации во Виетнам.
За случајот засега се огласија само од ОБСЕ кои посочија дека се свесни за хакирањето на Фејсбук профилот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Ве молиме имајте предвид дека сите пораки кои доаѓаат од таа сметка до понатамошно известување не се авторизирани од ОБСЕ“, пишува во нивната објава.
Ваквиот хакерски напад доаѓа во време кога Македонија претседава со Организацијата за безбедност и соработка на Европа, најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави од Европа, Северна Америка и Азија. Претседавањето ќе трае во текот на целата 2023 година.