Млади, возрасни и деца, луѓе од повеќе генерации попладнево се собраа пред платото на Младинскиот културен центар (МКЦ). Со музичка програма на бројни изведувачи, стотици граѓани денеска се забавуваа, потпишуваа петиција, а истовремено на тој начин и протестираа во одбрана на МКЦ. Музичарите пред и по нивниот настап порачаа да се чува МКЦ и културата.
На настанот организиран од колективот на млади музичари „Гола планина“, посетителите го изразија своето незадоволство од неодамнешните случувања со центарот и побараа МКЦ да не се политизира. Собирот доаѓа по промената на досегашниот директор на центарот, но и најавите за кратење на буџетот на институцијата.
Една посетителка за Радио МОФ вели дека на настанот присуствува „за да ги поддржи другарите и другарките“.
„Скопје или ќе биде град на културата за три години отсега или ќе биде градот на духови без млади“, вели таа.
Меѓу денешните изведувачи беше и раперот Никола Трпески „S.A.M.“ кој за Радио МОФ вели дека центарот за него е местото каде се оформил како музичар и каде создал убави спомени на многу концерти.
„Денеска сме на собир за ситуацијата која што е со МКЦ настаната, за кратењето на буџетот и да ја кажеме нашата несогласност, како независни млади музичари. Може да се проба и мора да се проба, ако успее, успее, ако не успее, пак ќе пробаме уште еднаш“, смета Трпески.
Студентката Мартина пак, за Радио МОФ вели дека за неа МКЦ е место на кое што има создадено многу спомени, a истовремено е и во градот во кој се има родено. Па така, во тој поглед, вели дека многу ѝ значи, затоа што ја поврзува со местото на раѓање.
„Дојдов за поддршка на МКЦ, затоа што е единствен културен центар во Скопје кој што има опстанато толку време и е жално да се сруши од страна на системот и политиката, затоа што е единствено место кое што досега нема никакви влијанија од тоа“, децидна е таа.
Младиот Христијан пак вели дека „треба да се чува тоа малку што го имаме“.
„МКЦ е нашата светилка во темното, барем за културата во Македонија, бидејќи е доста очигледно дека не се цени, барем единствен белег на културата треба да се задржи“, вели тој.
фото: Радио МОФ
Меѓу настапите на изведувачите, младиот музичар Мартин Џорлев, кој е и дел од колективот „Гола планина“ се обрати на насобраните и наброја ѝ им се заблагодари на голем број музички групи и уметници кои во изминатите години настапувале во центарот.
„Светот не е ништо без сите вас, освен едно тивко загадено парче земја без љубов, без гнев, без другарство, без самотија, без луѓе кои не се нелуѓе, без здив, без светлина, без темнина, без потчуство и голотија. МКЦ е нашиот мал свет, секој од нас шетал и талкал и ја барал својата причина на овие коцки тука. МКЦ е излез од целото црнило, МКЦ сме сите ние, љубов и гнев“, рече Џорлев.
Во рамки на протестниот музички собир, денеска пред центарот се потпишуваше и петиција. Барањата на петицијата се зголемување на буџетот на институција од државните ресурси за култура, наведувајќи се дека МКЦ е „еден од главните поддржувачи на актуелната и млада културна сцена, со настани и програма за скоро секој ден во неделата“.
Дополнително, преку петицијата се бара да се стави „МКЦ надвор од политичките игри“, додавајќи дека центарот „треба да е надвор од политичките мегдани и политичките игри зад завесите“.
Организаторите на настанот накусо за Радио МОФ изјавија дека петицијата целат да ја испратат кон Град Скопје и Министерството за култура, но дека засега примарно им е да соберат што повеќе потписи.
Музичкиот собир „Сите за МКЦ“ доаѓа откако програмскиот колегиум на МКЦ во средата обвини дека центарот е „повторно на мета на партиски мегдан“, откако досегашниот в.д. директор на МКЦ Ванчо Богоев беше сменет од својата позиција.
Оттаму посочија дека смената на Богоев доаѓа поради „неподлегнување на екстремните притисоци од генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири“. Во МКЦ потоа беше назначен нов директор, за кој од програмскиот колегиум велат дека е примен на работното место пред само неколку дена преку Агенцијата за привремени вработувања.
Истовремено, од програмскиот колегиум тогаш истакнаа дека буџетот на институцијата е доведен до само 8% од годишниот буџет со кој работеле минатите години.
Ангела Бошкоска/Мартин Колоски