Додека војната во Украина беснее, историчарите на уметност и конзерваторите во земјата продолжуваат да ги пресметуваат трошоците од руската инвазија, јавува Евроњуз.
Според УНЕСКО, до 11 јануари во земјата оштетени се вкупно 236 културни локалитети, вклучувајќи музеи, споменици, библиотеки и верски објекти.
Но, среде уништувањето и очајот, Украинците како архитектот и блогер од Лавов, Џулијан Чаплински, наоѓаат начини да го заштитат културното наследство на својата држава користејќи врвна технологија.
Пред неколку месеци, тој започна со собирање средства за создавање дигитални копии на бројните историски споменици кои се наоѓаат во центарот на Лавов, кој е заштитено светско наследство на УНЕСКО.
Идејата е дека со 3Д скенирање на градските споменици во ситни детали, техничарите можат да создадат дигитални модели кои можат да помогнат во нивното обновување доколку се најдат под гранатирање.
Чаплински се здружи со локалната фирма „Скеирон“, која има искуство во 3Д скенирање. Па така, заедно со локалните власти договорија листа на приоритетни згради, а потоа беа доделени средства за проектот. За извршување на работата, специјалистите наизменично поставуваат 3Д скенер на различни локации и снимаат стотици фотографии од ентериерот и екстериерот. Процесот може да трае со часови или денови, во зависност од сложеноста на локацијата.
Откако ќе се снимат, специјалните компјутерски програми го внесуваат материјалот и генерираат детални 3Д модели.
Досега, тимот скенирал 40 споменици во регионот Лавов и е во трка со времето да скенира и зачува повеќе од историската архитектура на Украина.