Младинскиот образовен форум (МОФ) по повод Меѓународниот ден на образованието, денеска преку свој став порача дека Македонија ја губи битката за квалитетно образование и повика да се спроведат итни реформи во образовниот систем.
Од младинската организација велат дека македонскиот образовен систем е нефункционален и посочуваат дека минати и сегашни власти, со години наназад, постојано уверуваат дека образованието е иднината и клучен рецепт за успех на една држава, но дека сепак, тоа за жал е само декларативно, а рецептот е очигледно неуспешен.
„Второто полугодие во 2023 година учениците од државните училишта го започнаа исто како и почетокот на училишната година во септември – со недостаток на учебници. Ако една држава не може да го испорача наједноставното / најелементарно за еден образовен процес – навремено да нарача и да испечати учебници, тогаш како може да очекуваме дека некогаш ќе стигнеме барем блиску до останатите развиени образовни системи? Недостатокот на учебници не е единствениот проблем на македонскиот образовен систем“, велат од МОФ.
Тие се децидни и дека властите целосно го прифатиле фактот дека, како што велат, речиси сите меѓународни и национални истражувања и анализи укажуваат дека македонскиот образовен систем е во слободен пад и никој не презема нешто за суштински да го смени тоа.
„Важно е да се напомене и дека младите од руралните области и младите од урбаните средини немаат ист пристап до образование ниту пак исти можности. Во 2023 година за нашата држава сѐ уште не е проблем тоа што голем дел од учениците во руралните средини одат во училишта кои се без елементарни услови, нереновирани со децении, без функционални тоалети. Да, зборуваме за тоалети. Младите ученици со попреченост сѐ уште се на маргините. Многу од овие ученици учебната година ја започнаа без проценка, без асистент, без индивидуален образовен план. Има сѐ уште училишта кои не се пристапни – немаат пристапни рампи, немаат лифтови, адаптиран мебел или пак адаптирани тоалети. Дополнително, младите од поправните домови немаат пристап до образование со што дополнително им се отежнува процесот на рехабилитација и интеграција назад во општеството“, сметаат од Младинскиот образовен форум.
Според нив, доволно е да се погледне буџетот за 2023 година за да се види дека образованието и науката се прашања кои се целосно на маргините за државата.
„Буџетот за наука предвиден за следната 2023 година, со Предлог буџетот кој го изгласа Владата, изнесува само 268 милиони денари и е најнизок во последниве 10 години. Дополнително, иако државниот Буџет секоја година се зголемува, оваа година за наука биле предвидени дури 42% помалку пари во споредба со 2014 година, а за следната се предлагаат дури 66% помалку во споредба со тогаш. Оттука, воопшто не треба и да не чуди фактот што нашиот најголем и најстар универзитет постојано опаѓа на меѓународните рангирања и наместо секоја година да оди нагоре – како тоа што се случува со високообразовните институции во регионот – кај нас оди само надоле. Во споредба со универзитетите од регионот најголемиот македонски универзитет се наоѓа при дното, далеку зад најголемите универзитети на Грција, Србија, Хрватска, Словенија и Бугарија“, додаваат од МОФ.
Затоа, тие итно бараат од властите сериозно да започнат со реформирање на образовниот систем и сериозно инвестирање во него поради тоа што во спротивно, образованието, како што додаваат, ќе стане целосно нефункционално што пак целосно ќе се рефлектира врз и функционалноста на самата држава.