Компанијата Мета, во чија сопственост се наоѓаат Фејсбук и Инстаграм, соопшти дека на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе му биде дозволено да се врати на овие платформи по двогодишната забрана поради неговото однесување на социјалните мрежи по упадот во Конгресот на САД на 6 јануари 2021 година.
Објаснувајќи ја одлуката во блог на Фејсбук, претседателот за глобални прашања на Мета, Ник Клег, вели дека во следните недели на Трамп ќе му биде вратена можноста да биде на Фејсбук и Инстаграм, но дека ќе бидат поставени нови правила со цел да не се повторат нови прекршоци.
„Како сите други корисници на Фејсбук и Инстаграм и господинот Трамп ќе биде предмет на нашите правила за однесување на заедницата. Доколку објавите на Трамп и понатаму ги прекршуваат овие правила, содржините ќе бидат отстранети и тој ќе биде суспендиран во период меѓу еден месец и две години, зависно од јачината на прекршокот“, напиша Клег.
Трамп беше отстранет од платформите на Мета по немирите од 6 јануари, кога поранешниот претседател објавуваше неточни тврдења дека американските избори биле украдени и ги фалеше насилните демонстранти кои извршија упад во американскиот законодавен дом.
Клег вели дека суспензијата била „вонредна одлука донесена во вонредни околности“ и дека Мета ценеле дали такви околности се` уште постојат за да му биде продолжена првичната двогодишна суспензија на екс-претседателот. Најпосле компанијата одлучила дека нивните платформи треба да бидат отворени за демократска дебата и дека корисниците треба да имаат можност да ги слушнат ставовите на поранешниот претседател на САД, кој веќе изрази намера да се кандидира повторно за оваа функција.
„Јавноста треба да може да слушне што нивните политичари зборуваат – и доброто и лошото и злото – за да можат да носат информирани одлуки кога излегуваат на гласање“, смета Клег.
Иако не е познато дали Трамп планира повторно да се врати на овие социјални мрежи, неговите соработници искажале намера тој да се врати на Фејсбук во писмо испратено до Мета во јануари.
Во ноември минатата година Твитер ја укина забраната на профилот на Трамп, сепак поранешниот претседател досега не ја користи можноста да комуницира преку оваа платформа со неговите следбеници.