Државниот испитен центар (ДИЦ) објави дека испитот на зрелоста годинава матурантите ќе го полагаат на 27 мај и на 10 јуни. Она што останува во моментов отворено како прашање, е дали надлежните ќе го скратат материјалот за учење поради часовите што учениците ги изгубија заради лажните дојави, но и заради продолжениот распуст. Иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пред неколку месеци наложи училиштата да најдат начин да се одработи загубеното, прашање е колку била квалитетна таа настава и дали учениците успеале да ги усвојат потребните знаења.
Професорите велат дека во исчекување се и тие, но и ученците и нивните родители.
„За материјалот и за тоа што треба да се учи, прашуваат сите. И ние професорите и родители и ученици. Многу часови се изгубени, дојави имаше само кај повозрасните ученици“, вели за Мета.мк Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Од Унијата на средношколци, за Мета.мк информираа дека в недела ќе имаат генерално собрание, на кое ќе се одлучува што ќе бараат матурантите од надлежните да направат за да им го олеснат полагањето на испитот на зрелоста.
Мета.мк ги праша одговорните во ДИЦ дали се планира кратење на испитниот материјал за учење предвиден со наставните програми, но оттаму во моментов сè уште нема офцијална одлука за ова прашање.
„Членовите на испитните комисии кои го изготвуваат испитниот материјал за екстерните предмети во рамките на државната матура, ги имаат во предвид случувањата во училиштата во изминатиот период. Ако има промени, училиштата ќе бидат известени“, велат во ДИЦ.
За секој испит од државната матура постои официјална испитна програма. Во неа има избор на содржини од прва до четврта година по соодветниот предмет, т.е. не се опфатени сите содржини од наставните програми. За оваа учебна година има нови испитни програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и по стручните изборни предмети од стручното образование. Сите останати испити ќе се реализираат согласно скратените испитни програми од претходните години.
„Бирото за развој на образованието (БРО) е надлежна институција за изработка на испитните програми, а ДИЦ за подготовка на исптитниот материјал согласно тие испитни програми, како и организација, спроведување, оценување, обработка на податоци, објавување на резултати и постапување по проговори“, појаснуваат во ДИЦ.
Оттаму не одговорија на прашањето, дали за да се спречи препишување, се планира испитот на зрелоста да се полага во спортски сали и во амфитеатри како што лани најавуваа надлежните во Испитниот центар.
Освен екстерните и интерните испити, матурантите треба најпрво да изработат проектна задача, која треба да е готова во февруари. Во врска со проектната задача која секој матурант ќе треба да ја одбрани, надлежните лани најавија дека нема да може повеќе да се „проаѓа“ со напишан есеј со копиран материјал од Интернет, туку тоа ќе треба да биде авторски труд на секој ученик.
Инаку, во 2021 година, беше најавен сосема нов концепт на полагање државна матура. Главната новина која треба да стартува од 2025 година, е дека посебен ќе биде матурскиот испит за учениците од гимназиско образобание, а посебен за оние во средното стручно образование.
Првиот екстерен предмет – мајчин јазик годинава ќе се полага на 27 мај (македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература), а на 10 јуни матурантите ќе полагаат математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика. Полагањето во августовската испитна сесија ќе се случи на 8 и на 11 агуст.
Државната матура е услов за упис на факултет.
Извор: Мета.мк