По вчерашните обвинувања на градоначалничката Данела Арсовска за несоодветно работење на Младинскиот културен центар (МКЦ), но и разрешувањето на досегашниот в.д. директор Ванчо Николов, денеска Програмскиот колегиум на Центарот на прес-конференција рече дека ова се тешки денови за МКЦ, но и културата воопшто. Посочуваат на разни клевети, невидени притисоци врз вработените, паушални толкување на законите и правото. Но истовремено, велат тие, најважно е што младите во Скопје ги разбираат нивните заложби – да креираат европски простор, наменет токму за младите.
„Се менуваат власти, се менуваат и уредници, но центарот – како поле за нивно изразување – останува само нивни. Максимално сме горди и благодарни што за разлика од некои други времиња, сега конечно сме на иста страна. Сакаме отворен, модерен и современ град. Сакаме закони, право и правичност“, посочија од МКЦ, тврдејќи дека инвестираат во труд, а партискиот активизам е за други, за нив непознати сфери.
Градоначалничката вчера демантираше дека на МКЦ му е скратен буџетот, односно тоа е минимално и незначително. Од друга страна, Центарот упатува на документ, од дневен ред на седница на Совет на Град Скопје – во 2023 година за програма имаат доделено 4.500.000 денари, од кои 2.500.000 за кино „Милениум“.
„За сите останати активности на МКЦ, каде се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот ‘МОТ’, филмскиот ‘Синедејс’, и музичкиот ‘Здраво млади’, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска, литературна програма во 365 дена – севкупно 2 милиони денари. За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 лани беше 14,5 милиони денари, не како што кажа градоначалничката 10,7 милиони, кој веќе беше намален од 22.290.000 во 2021, или 34.280.000 во 2020, или 25.828.000 во 2019…“, забележаа од МКЦ.
Како посебен пластичен пример за кратењата го дадоа Млад отворен театар (МОТ). Град Скопје во периодот 2019-2021 за него одвојувал меѓу 3 и 3,5 милиони денари, а во 2023 – само 400.000 денари.
„400.000 денари за МОТ се доволни само за една-две вечери“, посочија од МКЦ.
Од друга страна, потврдуваат дека буџетските дотации од 34 милиони денари, посебни средства што се прелеваат од државата до Град Скопје, се исти како лани.
„Ова веруваме дека е точна информација, иако блок дотациите главно се однесуваат на режиските трошоци на институцијата, а од минатата година само струјата е три пати поголема од претходно. Точно е дека МКЦ се труди да оствари и сопствени приходи, и да изнајде други начини на финансирање, и оваа забелешка ја разбираме како комплимент и признание за нашето успешно менаџирање на институцијата“, рекоа од МКЦ.
Арсовска вчера негираше притисок кон претходниот в.д. директор Ванчо Богоев, тој не бил разрешен, туку му завршил мандатот, за потоа да каже дека одлуката за него дошла по „забележани недоследности по годишната ревизија“.
„Од оправдани причини Ванчо Богоев денес не е тука со нас. Веруваме дека тој секако дополнително ќе се обрати и ќе ги искористи сите правни законски механизми да ја објави вистината. Точно е дека му истече мандатот, но, де факто тоа е разрешување, промена на функцијата. А, не можел да биде разрешен поради ревизијата, затоа што ревизијата почна по неговото разрешување. Значи, небулозни се овие информации“, велат од МКЦ.
Ревизијата ја карактеризираат како редовен процес во МКЦ, за која се отворени, но таа се’ уште не е завршена, па да може да се даваат забелешки за неговото работење.
„Ги охрабруваме сите други вработени во администрацијата на Град Скопје, на кои веќе подолго време слушаме дека им се вршат исти или слични притисоци, кои тивко кажуваат и дека го слушале гласниот ‘состанок’ меѓу поранешниот в.д. директор и генералниот секретар на Град Скопје, доколку е тоа така и спрема нив, да истапат и го обзнанат тоа пред надлежните институции и јавноста“, апелираа од МКЦ.
Од Програмскиот колегиум запрашаа кој е Ѓорѓи Грковски што се појавувал во Центарот. Бидејќи, велат тие, сфатиле тој не е ревизор, туку раководител на секторот за општи и заеднички работи во Град Скопје.
„Немаме проблем и соработуваме со вистинските ревизори, за нив се достапни сите документи на МКЦ, но доаѓаа прашања, дури и писмени во текот на вчерашниот ден, од лице што не знаеме дали има надлежност на ревизијата. Малку е сомнително“, рекоа од Програмскиот колегиум.
Во однос на обвинувањата за договорите за ангажирање, односно дека претходно се исплаќале пари, па се склучувале договори, за МКЦ е чудно како се толкуваат ревизиите.
„МКЦ е јавна установа под директна надлежност на Град Скопје. Начинот на финансиска комункација и работење, посебно во средствата доделени од Град СКопје, е дека за било што да се исплати, дали е договор, фактура, оди прво до Град Скопје, па врз тоа одобрување ни се пуштаат средства, па ние ги исплаќаме. Така да, комплетната документација на МКЦ, која ревизијата ја работи, може слободно да се работи и од кај нив од канцеларија (Град Скопје н.з.)“, велат од МКЦ.
Во поглед на обвинувањата за над 100.000 евра подигнати од сметката на институцијата без соодветна основа, од МКЦ прашуваат од каде дошла ваква информација. Односно, дали воопшто некој потврдил или негирал, и дали е ова е податок од тековната ревизија во МКЦ, бидејќи таа се’ уште е во тек, па изнесување информации е незаконско и паушално.
„Сепак ќе појасниме дека: како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ, а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки. Тврдењата за недостаток на некакво покритие и документација за ова, беше токму нашиот сомнеж и страв по промените на бравите на пример, во простории каде таа документација се чува“, посочуваат од МКЦ.
За крај, се обратија до надлежните институции да се охрабрат и ја завршат својата работа, по закон и до крај. Да се одважат и да спроведат постапки бидејќи, како што велат, веќе четврта година се мета на јавни обвинувања и подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, контроли и судови.
„Ни го убивте ќефот и љубовта кон работењето. Истраевме, и ќе истраеме сѐ додека веруваме во правна и правична држава, и само во тоа. Престанете да ни праќате неидентификувани и неовластени лица да ни вршат распити, да ни се врши мобинг и притисок на нашето работно место. Не дозволувајте повеќе секој да ги дискредитира и оцрнува нашите имиња и професионални интегритети. А за почеток: отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата. Како програмски уредници со драго срце и полн ентузијазам повторно ќе дадеме сѐ за културата на европско Скопје“, посочија тие.
Бојан Шашевски