20 игри што ќе може да ги играте во 2023 година

Гејмерската заедница ја очекува прилично плодна година, особено по пандемиската сага кога имаше благ застој во развојот на разни изданија, па некои игри беа пролонгирани токму за 2023. Годинава веќе донесе наслови како „Forspoken“ и римејкот на „Dead Space“, а Радио МОФ направи листа на некои од видеоигрите кои своја премиера ќе имаат низ тековните месеци:

Hogwarts Legacy
Објава: 10 февруари за PS4, PS5, Xbox One, Xbox series X|S, PC

По се’ изгледа дека љубителите на „Harry Potter“ конечно ќе можат со часови да влезат во светот на магијата. Не дека досега немаше „Harry Potter“ игри, но „Hogwarts Legacy“ на „Avalanche Software“ се најавува како нешто ново и масивно, што ќе биде надградба на досегашните тематски игри базирани на популарните книги и филмови. Ова е акциона RGP игра, сместена во отворен свет, со дејствие во 1880-те пред случувањата со Хари Потер и групата млади волшебници. Меѓутоа, универзумот е истиот, а играчите ќе можат да избираат и развиваат карактер, истражуваат наоколу и се борат учејќи разни магии. ДА, ќе можат да летаат и на метла околу универзитетот Хогвартс!

Returnal
Објава: 15 февруари за PC

„Returnal“ беше ексклузива за Play Station, па не можеа сите да ја доживеат. Барем оние како авторов на текстов што дома нема Play Station и мора да чека компанијата да продаде милиони копии, да заработи десетици милиони евра, за потоа да реши да „пушти душа“ и да направи порт и за PC. Така беше и со „Horizon Zero Dawn“, „Days Gone“, „God of War“ и „Uncharted“. Сите тие задоцнето стигнаа за PC, сега дојде редот и за „Returnal“, која е микс на „roguelike“ и акција во трето лице. Спремајте се за гејмање со маус и тастатура на 15 февруари.

Wild Hearts
Објава: 17 февруари за PS5, Xbox series X|S, PC

„Wild Hearts“ е најавена како „уникатен твист на ловечкиот жанр, каде технологијата ви дава шанса да се борите против страшни ѕверови и жестоката моќ на природата“. Не знаеме колку ќе биде „уникатна“, бидејќи се работи за принципот по кој веќе две децении функционира серијалот „Monster Hunter“, само што ова е лов на огромни чудовишта во Азума, измислен свет инспириран од феудална Јапонија. Направена е од „Omega Force“, јапонското студио што стои позади франшизата „Dynasty Warriors“.

Atomic Heart
Објава: 21 февруари за PS4, PS5, Xbox One, Xbox series X|S, PC

Oва е пуцачина во прво лице сместена во Советскиот сојуз во алтернативна 1955 година. Играта на студиото „Mundfish“ секако има RPG елементи, како и повеќето современи игри, а е карактеристична по својата роботска СФ тематика. Ќе се тепате против широк спектар непријатели што можат да бидат механички, биомеханички, биолошки, а некои и летечки. На прва, личи доста на култната „BioShock“.

Company of Heroes 3
Објава: 23 февруари за PS5, Xbox series X|S, PC

По повеќе од една деценија, стратегијата „Company of Heroes“ се враќа во 2023 година со нов, трет дел. Овој пат најавени се нови механики и кампањи сместени во Италија и Северна Америка за време на Втората светска војна. Ако сте љубител на жанрот, имате шанса да утепате време на тактики и воени инвазии. Ба-бауу!

Sons of the Forest
Објава: 23 февруари за PC

За разлика од некои врсници во жанрот, „The Forest“ – „horror survival“ играта на канадското студио „Endnight games“ – во 2018 не само што испорача уште едно издание од популарниот формат за преживување, туку додаде и изненадувачки сложена приказна во која има канибали и мутанти. Затоа сега, пет години подоцна, долгоочекувано продолжение „Sons of the Forest“ доаѓа и со притисок да го надополни, и можеби надгради искуството на оригиналот. Во играта се запознаваме со Келвин, елитен војник кој преживува хеликоптерска несреќа и заглавува на остров…

Octopath Traveler 2
Објава: 24 февруари за PS5, PS4, Switch, PC

Од студиото „Square Enix“ ни доаѓа „Octopath Traveler 2“. Исто како и кецот, продолжението се движи во зоната на традиционалните JRPG игри. Играчот ќе контролира осум посебни протагонисти, секој со своја цел и одвоени приказни, кои се спојуваат во светот на „Octopath Traveler 2“. Пример, тука е научникот Освалд и трговецот Партицио, а вграден е и нов систем на т.н. „латентни моќи“, кои активираат уникатни способности на ликовите.

The Last of Us Part 1
Објава: 3 март за PC

Уште еден наслов што имаше премиера на Play Station, a сега пристигнува и на PC. Оригиналната хит-игра веќе си доби продолжение и римејк за Play Station, додека моментално е екранизирана и се прикажува серија со исто име. Веројатно тајмингот е намерно наместен за 3 март, за да може цел свет да ја изгледа серијата, па после да има желба (пак) да ја испроба играта и ја проследи авантурата на Џоел и Ели низ пост-апокалиптична Америка. Играта е веќе застарена, ама графичките спецификации се адаптирани како за издание од 2023 година.

Wo Long: Fallen Dynasty
Објава: 3 март за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, PC

„Wo Long: Fallen Dynasty“ е следната акциона игра на „Team Ninja“, студиото зад „Nioh“ и „Ninja Gaiden“. Oпишана е како „soulslike игра што се одвива во мрачна фантастична верзија на периодот на Трите кралства во Кина“. Како и останатите soulslike изданија, ве очекува исклучително тешка и предизвикувачка игра за кинење нерви додека не го совладате секој мини потег на непријателот. Што и не е така лошо, ако сакате да ги изострите рефлексите и да се изолирате од светот на одреден период.

Bayonetta Origins: Cereza and the Lost Demon
Oбјава: 17 март за Switch

„PlatinumGames“ се специјализираа за брзи, стилски и „over-the-top“ акциони игри.  Одговорни се за класици како „Metal Gear Rising: Revengeance“, „Vanquish“, „Nier“ и, што е најважно, серијата „Bayonetta“. По трите делови од оваа сага, во март е најавен спиноф наречен „Bayonetta Origins: Cereza And The Lost Demon“, приказна што се фокусира на Цереза, помлада верзија на Бајонета која тренира да стане вештерка. Играта има доста елементи со решавање загатки, така да, нема само да млатите непријатели во воздух.

Star Wars Jedi: Survivor
Објава: 17 март на PS5, Xbox series X|S, PC

Веројатно нема потреба да објаснуваме што е „Star Wars“. Вселенската епска мултимедијална франшиза, која стартуваше во 1977 година со првиот СФ филм на Џорџ Лукас, изминативе децении ги „хранеше“ и гејмерите со десетици наслови. Во 2019-та се појави „Star Wars Jedi: Fallen Order“ која глобално ја прифати и критиката, и гејмерската заедница, па неизбежно беше да се очекува продолжението „Star Wars Jedi: Survivor“. Приказната на оваа акциона-авантура повторно го следи џедајот Кал Кестис, додека се обидува да преживее против злобната Галактичка империја.

Resident Evil 4 Remake
Објава: 24 март за PS5, PS4, Xbox series X|S, PC

„Resident Evil 4 Remake“ е уште еден од низата продукти на „Capcom“, кој во поново време се сврте и на римејкови. Игра на сигурно. Такви беа вториот и третиот дел на хорор класиците „Resident Evil“, задржувајќи ги основните елементи на оригиналите, додека го реобмислува гејмплејот и визуелизациите за да бидат во чекор со стандардите на денешните игри. Приказната, исто така, е „реконструирана“ за да се одржи наративната прогресија на серијалот во последните 17 години.

Minecraft Legends
Објава: 18 април за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, Switch, PC

По успехот на „Minecraft Dungeons“ во 2020 година, „Microsoft“ и „Mojang“ ќе објават уште еден спиноф на „Minecraft“ во 2023 година. Наречен „Minecraft Legends“, овој најнов спиноф е акциона-стратешка игра која се обидува да комбинира RTS механикa, пристапна и погодна за гејмање на цело семејство.

Dead Island 2
Објава: 28 април за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, PC

По осумгодишно развојно патување низ три различни студија, „Dead Island 2“ конечно ќе ја види светлината на денот во 2023 година. Врз основа на досегашните трејлери, „Dead Island 2“ на играчите ќе им понуди милион грозоморни начини да тепаат, гмечат, сечат и пасираат живи мртовци. Приказната вели: неколку месеци по случувањата на првиот „Dead Island“, американските вооружени сили ја ставаат Калифорнија под целосна карантинска ограничена зона. Наизглед, нема тука ништо оригинално, ама е сигурен рецепт за играчи што ќе убиваат стрес додека убиваат зомбиња.

Redfall
Објава: 2 мај за Xbox Series X|S, PC

Во „Redfall“ нема да тепата зомбиња, туку вампири. Островски град во Масачусетс е под опсада на легија вампири што го блокирале сонцето и ги отсекле граѓаните од надворешниот свет. Оттука, играчите во оваа FPS пуцачина ќе можат истражуваат отворен свет и да склучуваат сојузи со преживеани луѓе. „Redfall“ е игра што доаѓа од „Arkane Austin“, наградуваниот тим зад „Prey“ и „Dishonored“.

The Legend of Zelda: Tears of the Kingdom
Објава: 12 мај за Switch

Првата „The Legend of Zelda: Breath of the Wild“ беше ексклузива за Switch и веројатно е еден од најголемите и најпретпознатливи продукти на „Nintendo“ во гејминг индустријата. Со оглед што во 2017 година зема низа награди, вклучувајќи ја и главната на „The Game Awards“, продолжението „The Legend of Zelda: Tears of the Kingdom“ ќе биде една од причините за страсните гејмери да купат Switch и да ја доживеат од „прва рака“ оваа акциона-авантура.

Suicide Squad: Kill the Justice League
Објава: 26 мај за PS5, Xbox series X|S, PC

„Rocksteady“ стекна репутација како еден од водечките развивачи на акциони игри во гејминг индустријата со својата трилогија „Batman Arkham“. Сега, осум години подоцна, тимот се враќа со „Suicide Squad: Kill the Justice League“, сместена во истиот универзум на „Arkham“. Овој пат, играчите ќе контролираат еден од четирите супернегативци на DC: Deadshot, Captain Boomerang, King Shark или Harley Quinn. Играјќи сами или со уште три играчи, ќе може да се впуштите низ Метрополис против „лошите“ верзии на хероите на DC, вклучувајќи го и Бетмен.

Street Fighter VI
Објава: 2 јуни за PS5, PS4, Xbox series X|S, PC 

„Street Fighter“ е класика уште кога се играше со жетон од 5 денари во маалска флиперница (Еееее…). Играта со тек на време стана глобален културен феномен, па за бројни фанови шестката од серијалот е „must play“ на невидено. Креаторите објавија дека во игра се 18 карактери, меѓу кои класичните Кен, Риу и Чан-Ли, но и нови фаци како Џејми и Кимберли. Со сите тие ќе може да лупате аперкати и мајагери, притоа адиција се и „мини игри“ меѓу борбите. Fight!

Diablo IV
Објава: 6 јуни за PS5, PS4, Xbox series X|S, Xbox One, PC

„Blizzard“ се јави, навистина се јави! Легендарната „Diablo“ конечно го добива четвртото официјално продолжение. Влегува во модернот свет на „open world“ игрите, но се враќа кон помрачните корени на франшизата со приказна фокусирана околу Лилит. Поранешниот директор на играта, Луис Барига, ја опишува како „готска, средновековна, мрачна и со пеколен пејсаж, опколен со демони“.

Final Fantasy XVI
Објава: 22 јуни за PS5

Не знаеме дали постои игра во гејминг историјата што извадила толку многу делови како „Final Fantasy“? Сигурно има, ама оваа јапонска сф-антологиска франшиза креирана од Хиронобу Сакагучи е таму на врвот, меѓу најконстантните и најдолготраечките наслови. Во јуни излегува 16-то (со букви шеснаесеттото) продолжение, кое го заменува „open world“ пристапот на претходниците со дизајн базиран по области, слично на игрите со полуотворен свет како „Pokemon Legends: Arceus“. Ексклузивка е за PS5.

The Day Before
Објава: 10 ноември за PC (а подоцна и верзии на PS5, Xbox series X|S)

Неколку пати одложувана, пост-пандемичната „Тhe Day Before“ е конечно поместена за есента 2023. Доби датум пред Македонија да добие датум (или веќе добивме?!). Како и да е, и во двата случаи ништо не е сигурно. Само се знае дека „Тhe Day Before“ е „survival ММО“ игра во отворен свет, исполнета со зомбиња, а комбинира борбен формат и градење бази. По „Hogwarts Legacy“, ова е втора најочекувана видеоигра на „Steam“ за 2023 година.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Во 2023 се најавени уште наслови, секако, но ги нема во горната листа бидејќи немаат официјален датум за објава, затоа не ги вклучивме. Ќе спомнеме некои од нив: „Hollow Knight: Silksong“, „Homeworld 3“, „Skull and Bones“, „S.T.A.L.K.E.R. 2: Heart of Chornobyl“, „Starfield“, „Star Trek: Resurgence“, „The Last Case of Benedict Fox“, „The Expanse: A Telltale Series“, „Alan Wake 2“, „Ark 2“, „Armored Core 6: Fires of Rubicon“, „Assassin’s Creed Mirage“, „Hades 2“, „Forza Motorsport“, „Lies of P“, „Marvel’s Spider-Man 2“, „The Wolf Among Us 2“ итн.

Бојан Шашевски