Стотици илјади луѓе денеска ќе учествуваат во улични демонстрации низ Франција во вториот координиран штрајк против планот на претседателот Емануел Макрон да ја подигне старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Во текот на денот драстично е нарушен образованиот процес и енергетскиот систем, а јавните сообраќајни претпријатија предупредија дека возовите, автобусите, метроата и трамваите во повеќето градови низ земјата, од Париз до Ница отежнато ќе функционираат.
„Ер Франција“ информираше дека 10% од авионските летови ќе бидат откажани, додека од Синдикатот на наставниците соопштија дека околу половина од негувателките во градинките и наставниците ќе штрајкуваат.
Полицијата очекува околу милион луѓе да учествуваат на демонстрациите низ градовите во земјата. На претходниот ваков генерален штрајк, кој се одржа на 19 јануари, низ улиците маршираа повеќе од 1,1 милион луѓе.
Анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани на Франција се против планот на Макрон да се подигне границата за пензионирање од 62 на 64 години. Францускиот претседател во повеќе наврати има изјавено дека „Французите мора да работат повеќе“, а подигањето на возрасната граница за пензионирање е еден од клучните чекори во неговата реформа на социјалната политика. Макрон вчера изјави дека овие промени се „неопходни за спас на францускиот пензиски систем“.
Возрасната граница за пензионирање во земјата од 62 години е една од најниските во споредба со останатите европски економии.