„Животот понекогаш го менуваат случајности“, вели писателот Горан Петревски. Во овој случај тоа е навистина така. Не можев да претпоставам дека една ситна, наизглед, книгичка – „Совршено куси раскази“ исполнета со микрофикција, случајно ќе отвори нови литературни светови за мене кога прв пат ја прочитав пред една деценија.
Дополнително, случајноста дека авторот по професија е професор по монетарна политика и меѓународни финансии на Економскиот факултет во Скопје е уште поинтересна, имајќи предвид дека стилот на Петревски е редок во македонската книжевност.
Деценија па и кусур подоцна, имав прилика да зборувам со Петровски за сѐ, од самите почетоци, неговите книжевни влијанија, слатко-горчливата релација со македонското издаваштво и се разбира, крајот на светот и „книгата за сите времиња“.
„Во петто одделение, класен ми беше професорот по македонски. И веројатно, ова беше 1981, моравме сите да се приклучиме во некоја секција, имаше и по физика и по хемија и по биологија… И веројатно се очекуваше ако имаме класен по македонски, треба да одиме во литературната секција. Господ знае по којзнае која причина, се зачленив во литературната секција и уште како дете бев љубител на книги. Во Охрид живеев тогаш, во библиотеката си бев запишан, нормално сѐ живо испрочитав, така ме интересираше“, започнува Петревски.
Вели дека сега веројатно би го фатило срам доколку ги препрочита делата од тогаш, но посочува на интервју со Данило Киш, во кое тој вели „ми е срам кога ќе прочитам што сум пишувал таму, тешки глупости тие почетните“, но дополнува дека штом еден Киш може да биде засрамен, зашто и тој да се „стиска“.
„Штом Данило Киш почнал со глупости, тоа не е толкав срам. Почнав со некои песнички, детски прво, за мечето, за штркчето, пролетта, есента, веројатно секој така почнува да пишува. Но, сега дури вака си се чудам, на многу рана возраст се одлепив и почнав да пишувам ‘посериозно’ па така некаде од 14 до 16 години веќе го имав напишано првиот роман. И тогаш се отвори друга димензија“, се потсетува Петревски.
Авторот дополнува дека необјавениот роман се вика „Огледало“, а веќе кон крајот на 80тите, почнал посериозно да ги пишува првите кратки раскази.
#РаскажиМи: Пет „Совршено кратки раскази“ од Горан Петревски
Куси раскази, микрофикции, куси-куси раскази – кратката проза може да ја најдете под многу имиња, но ќе ја запаметите по проникливоста и умешноста да се раскаже приказна во неколку реченици, а понекогаш и само со една.
Еден од најпознатите автори на кус-кус расказ е Данил Хармс, но Петревски во својата збирка „Совршено куси раскази“ вели дека токму Хармс го открил многу подоцна.
„Во предговорот си правам една ограда дека за читателите погрешно да не сфатат дека тие раскази не се пишувани под влијание на Хармс. Хармс го открив дури подоцна. Така што совеста ми е ‘чиста’ во таа насока. Се разбира, Хармс е неверојатен, нема дилема дека чест би било за секој што пишува во таа форма да каже дека тој му е некакво влијание. Самата форма, која е толку кратка, не ми е јасно од каде ми дојде, веројатно природно сама ми дојде, а во однос на влијанијата голем љубител сум на Борхес“, вели тој.
Во предговорот на „Совршено куси раскази“, Петревски наведува дека идејата за кусите раскази му дошла во 1988 година, кога во југословенско тинејџерско списание прочитал десетина ултра кратки раскази.
„Беа од фински писател, потпишан под псевдонимот Вере Гагонен. Не знам кое е вистинското име, извршил самоубиство… Некоја тогашна српска издавачка куќа ги објавила неговите раскази и за мене сево ова беше културен шок. Ме плени кратката форма и мислам дека поттикнат од тоа почнав да пишувам кратка форма“, објаснува Петревски.
Потсетувајќи се како започнала приказната со првата збирка „Совршено куси раскази“, Петровски раскажува дека најголем дел од расказите се напишани во периодот од 1988-1989 и до 2008. Биле напишани рачно и седеле во фиока, сѐ додека писателот не се запознал со Иван Шопов, исто писател, кој во тоа време работел во издавачката куќа „Темплум“.
„Стапив во контакт со него и по мејл му ги пратив расказите за да види доколку го исполнуваат нивото за објавување. И тие беа задоволни и прифатија да ја испечатат збирката. Во 2010 се објави ‘Совршено куси раскази’. После неколку години, во 2014, излезе и втората збирка раскази исто за ‘Темплум’“, посочува Петревски.
Но, Петревски немал промоција ниту за една книга, па вели дека тоа му е голема болка на срцето, но истовремено и одраз на македонското издаваштво кое вели дека тотално не го разбира.
„Во 2004 Скопски саем објави конкурс за Најдобра дебитантска книга, па конкурирав со еден роман кој се вика ‘Порнографија’, напишан во 1998 година. Значи 6 години така си седеше во фиока. И го видов во весник конкурсот, се пријавив. Бев многу пријатно изненаден кога по неколку месеци во весник прочитав дека мојот ракопис е избран за најдобра книга. Скопски саем го објави романот и организираше огромна промоција. Цело Скопје беше накитено со огромни билборди 3×5 од корицата од мојата книга, на Саемот на книгата, посебен штанд имаше само за таа книга. Имаше и банери високи 10 метри со насловот. Сакам да кажам дека Скопски саем направи огромна промоција. Книгата одеше ко алва. Кога на луѓето ќе им трубите Порнографија! Порнографија! Порнографија!, тие ќе дојдат, а организаторите не очекуваа, имаше само 500 примероци пробен тираж испечатен, ама и тој летна за неколку дена“, раскажува Петревски.
Зборувајќи за состојбата во македонското издаваштво, авторот вели дека она што го разочарало бил фактот што ниту една издавачка куќа, при толкав маркетинг, не остварила контакт за објавување на други дела.
„Тогаш сфатив кое е сивилото на македонската издавачка дејност. Бидејќи кога читателите беа бомбардирани со информации за некој Горан, другиве можеа да се шлепаат. Пазете, некој друг да ви плати реклама, а вие да си продавате производи. Поубаво нема. Никој не ме контактираше и 2008, значи четири години подоцна, пак по моја иницијатива беше објавена збирката ‘Совршено куси раскази’, но за жал се остана само на тоа. Беше испечатена, а малку беше разочарувачки – јас добив пола од тиражот кој уште ми стои по фиоки, а книга не е да стои – книга е да допре до луѓе. Потоа открив дека ја нема по книжари затоа што издавачката куќа во тоа време немала дистрибутивна мрежа. И до ден денес отсуствува таа поддршка“, вели Петревски.
Еден, два!
Еден, два!
Ние сме културно заостанати луѓе. Ете, јас не знам да читам, ама тоа не ми пречи да бидам диктатор. Понекогаш зборам во сонот и тоа ме задоволува. Свршувам на страниците на некое книжевно дело. Без срам, слободно!
Зборувајќи за својот стил, Петревски истакнува дека сака да биде похрабар при обработката на темите, а вели дека писателот, како и секој уметник, не треба да има граници.
„Не треба да се поставува граници до каде може да оди. Ме интересира да ѕиркам во некои катчиња кои обично другите се плашат да ѕирнат таму. Велам се плашат поради стравот да не најдат нешто што не им се допаѓа. Меѓутоа, човечката психа е толку длабока што открива неверојатни изненадувања. Тоа уште Достоевски го има кажано“, дополнува Петревски.
Авторот смета дека нема многу писатели со сличен пристап како неговиот во македонската книжевност.
„Писателите, особено помладите, се трудат да бидат современи, модерни по секоја цена. Кога велам модерни, мислам да бидат во тек со темите кои вообичаено се вртат во современата книжевност. Мене во тој аспект, таа модерност, не ме интересира. Веројатно затоа што не сум професионален писател. Не сум оптоварен со тоа дека од пишувањето живеам, или дека не се движам во тие кругови. Имам многу слаби врски со писателската фела, па веројатно тоа ме прави послободен“, забележува Петревски.
Зборувајќи за бестселерите и воопшто комерцијалната книжевност, авторот смета дека сензацијата понекогаш го гуши делото.
„Никој во животот нема да засведочи толку бомби, убиства, интриги. Еве, навратете се на последните три години од вашиот живот. Прилично празно. Во животот не се случуваат многу сензационалистички настани. Не можете да кажете ‘еј одев на работа и ја видов Мадона’, ама во катчињата од човечката психа ќе најдете бизарни работи. Луѓето внатре вријат, вријат, вријат, не се шупливи“, вели Петревски.
Писателот истакнува дека и самиот тој не може да одлучи дали тоа што е академски економист по професија е добро или лошо за неговото пишување, но вели дека најверојатно, вистината е некаде помеѓу.
„Тој академски свет каде друга е проблематиката, стилот на истражување таму бара аналитички пристап, кој пак помага во анализата на некои, скриени катчиња во човековата душа. Кога ќе ги ѕирнете расказите од другата книга – ‘Одбрани трудови’ ќе видите дека таму баш и се забележува академски пристап кон книжевните теми. Овие две работи не можат остро да се разграничат затоа што меѓусебно си помагаат“, посочува Петревски.
Со авторот поразговаравме и за тоа дали како професор на економскиот факултет разговара со студентите и за книжевност.
„На мојот факултет, студентите исклучително малку читаат. Исклучително малку ја знаат литературата, што не ми е сфатливо, ама па веројатно не ни е ни чудно имајќи предвид дека и професорите од мојата фела исклучително малку читаат и многу малку ја знаат книжевноста надвор од нивната фела“, вели тој.
Петревски сè уште пишува. Преку #РаскажиМи, објавени се раскази од неговата последна продукција, напишани есента 2022 година.
#РаскажиМи: „Пропаста на светот“ – збир кратки раскази од Горан Петревски II дел
„Упорно пишувам и понатаму, имам уште неколку необјавени дела кои заради проблемите со македонското издаваштво, имаат потежок процес за објавување. Но во секој случај пишувам. За жал, не со толкаво темпо, ама можеби сепак е тоа и за среќа кога ќе си размислам, бидејќи бавно пишувам, ама тоа излегува оттаму што тоа не ми е примарна дејност. Го немам тој притисок дека морам да продуцирам дела по секоја цена. Туку едноставно чекам така, инспирацијата да дојде и мислам дека тоа е подобар пристап“, вели тој додавајќи дека книжевноста му е издувен вентил и негова прва љубов.
За крај, со Петревски поразговаравме и за крајот на светот и погодна книга за тој настан.
„Често си размислувам на оваа тема – ако утре пропаѓа светот, комета ако го удри или не знам, астероид и ми речат ќе те засолниме некаде, ама имаш право само на една книга да понесеш, тоа најверојатно ќе биде Дон Кихот. Тоа е чудо од книга, како што рекол Томас Ман – книга која би требало секој човек еднаш годишно да ја препрочитува. Иако, се разбира има безброј книги кој би ги набројал, што се фантастични“, заклучува тој.
Ивана Смилевска