Наставниците и најголемиот дел од возачите во јавниот превоз се меѓу половина милион работници кои денеска излегоа на еден од најголемите штрајкови во Велика Британија последнава деценија.
На нив им се приклучија и вработените во јавната администрација и универзитетските професори додека низ земјата се организираат и протести против владиниот контроверзен план за ограничување на правото на штрајк.
Штрајкот на британските наставници пред се` е поради износот на примањата, чија вредност е драстично намлена со инфлацијата. Од синдикатите кои ги претставуваат велат дека нивните плати реално се намалиле за 11% во периодот меѓу 2010 и 2022 година.
Според Националната унија за едукација со денешниот штрајк се опфатени 85% од британските училишта.
Последниве неколку месеци власта и синдикатите преговараат за договор со кој би се спречиле понатамошни штрајкови и незадоволство, но од синдикатите велат дека денеска се наоѓаат подалеку од постигнување решение отколку на почетокот на разговорите.
Британската министерка за образование, Џилиан Киген, за Скај Њуз изјавила дека е разочарана што наставниците организирале штрајк, додавајќи дека главната цел за оваа 2023 година на власта е земјата да се справи со инфлацијата.
Според анкетите 65% од јавноста поддржува штрајк на наставниците, поштарите, пожарникарите и службите за итна помош, но штрајковите на универзитетските професори или вработените во јавниот превоз се многу помалку популарни.