Речиси 14.000 луѓе од две заедници во Нигерија бараат правда пред високиот суд во Лондон со тужба против нафтениот гигант „Шел“ во која тврдат дека компанијата е виновна за катастрофално загадување на изворите на водата и уништување на нивниот начин на живот.
Станува збор за луѓе од земјоделската заедница Огале, која се наоѓа на делтата на реката Нигер. Нив им се придружија уште околу 2.000 луѓе од месноста Бил, која е доминантно рибарска заедница. Во тужбата се наведени вкупно 13.652 луѓе кои бараат од „Шел“ да го расчисти загадувањето за кое тврдат дека нанело огромна штета на нивните животи. Истовремено тие бараат отштета за загрозувањето на нивните животи и уништувањето на земјоделските поседи и рибниот фонд од постојаното истекување на нафта.
„Шел“ кои денеска соопштија дека во 2022 имале рекорден профит во последните 115 години од речиси 40 милијарди долари, тврдат дека овие нигериски заедници немаат правен основ со кои би ги принудиле да го расчистат загадувањето. Компанијата истовремено спори дека поединците не можат да бараат отштета за истеците на нафта кои се случиле пет години пред поднесувањето на тужбата. „Шел“ вели дека немаат никаква одговорност за извлекувањето нафта од нивните нафтоводи од страна на организирани банди, кои според компанијата ги предизвикале најголемиот дел од истекувањата.
Тужбата доаѓа во период кога „Шел“ се подготвува да ја напушти делтата на реката Нигер по нешто повеќе од 80 години работа на оваа локација во кои имаат остварено значајни профити.
„Овој случај подига важни прашања за одговорноста на компаниите за нафта и гас. Очигледно е дека „Шел“ сака да ја напушти делтата на Нигер без никакви правни обврски со кои би се адресирала еколошката катастрофа предизвикана од изливањето на нафта од нивната инфраструктура повеќе децении наназад. Во време кога светот е фокусиран на „праведна транзиција“, ова покренува важно прашање за одговорноста на компаниите кои се бават со фосилни горива и нивното наследство на континуираното загадување на животната средина“, вели Даниел Лидер, адвокат кој ги застапува оштетените во тужбата.
Правниците тврдат дека количината на нафтени излевања во делтата предизвикува човечка трагедија од огромни размери. Според извештај на Универзитетот од Сент Гален во Швајцарија, новороденчињата во делтата на реката Нигер имале два пати поголеми шанси да починат во првиот месец од нивниот живот доколку нивните мајки живееле во близина на нафтените излевања. Студијата покажала и дека годишно имало по 11.000 предвремени смртни случаи во делтата на Нигер.