Според новиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), воспоставениот систем за управување со кризи и заштита од пожари не обезбедува услови за ефикасно и ефективно управување со ризиците и справувањето со пожарите на отворен простор.
По извршената ревизија со фокус на системот за управување со кризи и заштита од пожари, од ДЗР велат дека во периодот од 2019 до 2021 година пожарите територија на Македонија предизвикале огромни штети врз животната средина.
Оттаму истакнуваат дека во тој период опожарена е површина од 29.224,51 hа или 3% од вкупната шумска површина во државата и уништена дрвна маса од 594.009,68 m3.
„Констатирано е забавено темпо на донесување на стратешки и програмски со мерки за заштита и спасување од пожари, не се предвидени развојни проекти во областа и отсуствуваат дејства, активности и постапки од превентивен и оперативен карактер кои треба да ги спроведуваат учесниците во Системот за заштита и спасување, како и некоординиран пристап на локално, национално, регионално и меѓународно ниво во справувањето со опасностите од природни непогоди и други несреќи“, се вели во ревизијата.
Од ДЗР посочуваат дека со Законот за шумите предвидено е да се донесе Национален план за управување со пожарите на отворен простор, кој и по 9 години од востановување на обврската за негово носење, сѐ уште не е донесен.
„За спроведување на Националниот план, во 2013 година требалo да се формира Национален комитет, кој не е формиран, а во нацрт верзијата на новиот Закон за шумите, кој е во подготовка, ова тело не е предвидено“, истакнуваат од ДЗР.
Оттаму дополнуваат дека не се обезбедени целосни услови за превенција и рано предупредување во случај на пожар на отворен простор, навремено оперативно дејствување при нивно гасење, како и мерки за намалување и санирање на последиците од пожарите и обновување на животната средина.
Според ревизијата, начинот на финансирање на дејноста која ја вршат Територијалните противпожарни единици (ТППЕ) влијае на нивното ефикасно функционирање, а постоечките кадровски и технички капацитети се недоволни.
„Се утврди дека во актот за систематизација на ЈП ‘Национални шуми’ предвидени се 250 работни места за шумочувари, но поради отсуство на критериуми за распределба, дел од подружниците се соочуваат со недоволен број на шумочувари, додека во една подружница според старосна структура и остварување на правото за пензионирање, следната година ќе остане без шумочувари“, посочуваат од ДЗР.
Вкупниот број на предвидени пожарникари во сите ТППЕ изнесувал 1.423, но пополнетиот број на овие работни места е 994 пожарникари.
„Со ревизијата е утврдено дека во законската регулатива не е утврден бројот на професионални пожарникари според големината на подрачјето кое го покрива ТППЕ, степенот на загрозеноста од пожари, видот на објектите што се заштитуваат, бројот и големината на противпожарните единици во правните лица и бројот и големината на доброволните противпожарни единици“, велат од државниот завод.
Оттаму дополнуваат дека несоодветната обученост на силите за заштита и спасување ја намалува ефикасноста на институциите во справување со пожарите на отворен простор.
„Утврдени се и системски слабости кои се однесуваат на непрецизно уредување на надлежностите за потврдување на остварениот приход од осигурителните компании, како и недостаток на одредба за надзор над уплатата на средствата за проширена репродукција од страна на субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна и приватна сопственост и правните субјекти“, заклучуваат од ДЗР.