Набрзо ќе биде промовиран АДА – прв дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција (ВИ), преку кој компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во Северна Македонија и државната помош која се нуди, сподели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на конференцијата „Година на нови можности“.
Според него АДА ќе ги нуди сите информации за финансиска поддршка по Планот за економски раст. А понатаму овој асистент базиран на вештачка интелигенција ќе се учи и на други услуги кои се важни за стопанството и граѓаните. Според вицепремиерот главните цели кога започнало креирањето на овој дигитален асистент пред една година било зголемување на транспарентноста и намалување на корупцијата.
„Во 2021 година почнав да зборувам со различни донатори како и со моите колеги како да го подобриме системот и механизмот за давање и контрола, поточно како да ја подобриме ефикасноста на државната помош како механизам кој го користиме. Како продукт од тоа, се роди АДА. Дополнително, заедно со Светска Банка ќе започнеме конечно да дигитализираме 11 деловни процеси во 11 различни институции коишто го користат механизмот на државна помош. Ова ќе помогне во зголемување на ефективноста и ефикасноста“, изјави Битиќи.
Во своето обраќање вицепремиерот истакна дека клучно за развивање на дигиталниот асистент АДА, кој ќе биде промовиран овој месец, е тоа што ќе овозможи унифицирани информации достапни во секое време за сите заинтересирани.
„Дигитализацијата е одговор на сите недостатоци што се појавуваат во различни извештаи во однос на борба против корупција и организиран криминал. Единствен начин тоа да го адресираш е преку целосно тргање на страна на човечкиот фактор и секако да го направиш транспарентен целокупниот процес на поддршка на компаниите и инвестициите. Одлучивме дека ќе ја направиме АДА, дигиталниот асистент кој ќе биде првиот асистент кој некогаш е поставен во јавниот сектор. Инаку АДА е промената на дело којшто сите ние треба да ја направиме оваа година и наредните години ако сакаме навистина да стигнеме во растот и развојот кој сакаме да го постигнеме“, изјави Битиќи.
АДА ќе „зборува“ на три јазици – македонски албански и англиски и е насловена по Ада Лавлејс, за која се верува дека е првата информатичарка жена што го креирала првиот алгоритам за машините.
Дигиталниот асистент АДА се работи преку проект на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше спроведен како предизвик за домашната старт-ап заедница.