#ИнстаИлустрации со Вокер Гаванде: Со секоја илустрација се обидувам да ја доловам борбата што ја водат луѓето

Рубриката #ИнстаИлустрации е повторно во етерот за сите заинтересирани илустратори.

#ИнстаИлустрации овој вторник ја освежуваме со уметноста на Вокер Гаванде, Американец кој својот дом го пронашол токму во Скопје каде живее од 2020 година.

Гаванде е млад илустратор и примарно се занимава со илустрации во областа на непрофитното новинарство. Преку својата уметност тој цели да опфати важни глобални прашања со тематики што се движат од климатски промени, родово насилство до проблеми со кои се соочуваат новинарите во нивните држави.

Неговата скорешна илустрација со Малиот принц кој држи меч и штит и ја носи пораката „Не го чепкајте МКЦ!“ стана популарна на Инстаграм, а пред неколку дена на Фестивалот за свежа и независна музика „Земјотрес“ се продаваа стикери и беџови со илустрацијата. Гаванде вели дека цртањето е негов начин да го изрази своето мислење за актуелните случувања околу Младинскиот културен центар (МКЦ).

„За мене, МКЦ е мојот дом. Во август 2021 година, кога беше пикот на пандемијата и кога требаше да сум изолиран и да не сум со моите луѓе подолго време, МКЦ ми даде шанса да станам дел од најголемата заедница во која сум бил во мојот живот. Ова не би било можно доколку МКЦ продолжи да губи од својот буџет бидејќи тогаш би се наплаќале влезници и настаните кои се организираат би станале достапни за се’ помалку луѓе. Енергичната заедница составена од млади бендови што настапуваат таму исто така би се намалила доколку исчезне нивната главна демографска група – младите што одат во МКЦ“, вели тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Walker Gawande (@walker_gawande)

„Кога објавив на Инстаграм, многу луѓе почнаа да го споделуваат на стори на нивните профили. Со оваа илустрација добив најголемо внимание за мојата работа досега и ми стана јасно дека мојот „Мал принц“ ги погоди засегнатите. Моето искуство ја демонстрира важноста на уметноста во општествените движења како симбол зад кој луѓето може да застанат борејќи се за правда“, забележува Гаванде.

Досега негови дела биле застапени во разни новинарски написи. Како што објаснува, една од позначајните илустрации што ги има направено е за проблемите со кои се соочуваат новинарите во Камерун, Африка.

„Тие не се доволно платени, а често и воопшто не ги плаќаат. Се случува 8 од 10 новинари да не земат плата 6 или дури 20 месеци. Исто така тие се често се потпираат на политичарите кои нудат мито за текстови од нивни прес-конференции. Тоа е единствениот начин за нив да заработат нешто. Во моите илустрации се фокусирам на динамичност, на пример за оваа тема илустрирав висок човек – политичар во одело со златен часовник и цинична насмевка на лицето. Тој нуди кафено дебело плико со пари на изморен и видно вознемирен новинар кој носи маичка и седи на неугодно столче и запишува нешто во својот бележник. Со секоја илустрација се обидувам да ја доловам борбата што ја водат луѓето, а со тоа и да ја ангажирам симпатичната имагинација на читателот“, раскажува Гаванде.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Walker Gawande (@walker_gawande)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Walker Gawande (@walker_gawande)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Walker Gawande (@walker_gaw

Освен што се бави со уметност, во него се крие филозоф или барем, како што вели, тоа е она што го студирал на факултет.

„Филозофијата или поточно, критичкото размислување за симболи, дејства и нивното социјално значење е основата на моите дела. Илустрациите се начинот преку кој го изразувам и актуализирам моето мислење“, вели тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Walker Gawande (@walker_gawande)

Гаванде за крај вели дека уметниците треба да се погрижат да ја сфатат идеолошката форма на нивната работа и моќта што тие ја имаат за да ѝ влијаат на културата без разлика дали го сакаат тоа или не.

„На пример, цртаните филмови се училиштето од кое децата учат како да се однесуваат во своите пријателства и како да се однесуваат кон другите за нивната раса, класа и род. Социјалното однесување константно се пренесува преку телевизиските програми, филмовите и музиката, но сметам дека повеќето луѓе, вклучувајќи ги и креаторите на содржина често не се свесни за големината на културното влијание преку овие медиуми“, поентира тој.

Рубриката #ИнстаИлустрации е повторно отворена за сите кои сакаат да ја споделат нивната уметност со нас. Во ера на дигитална уметност и вештачка интелигенција Радио МОФ се стреми да понуди простор на различни медиуми преку кои младите се изразуваат. Затоа, испраќајте ни ги вашите дела и информации околу нив, а пишете ни и по нешто вас како илустратори на info@radiomof.mk. Покрај тоа, секогаш сме отворени и за предлози за други илустратори/познаници што може да ни ги препорачате.