Во држава во која не постои доверлив патнички железнички сообраќај, единствен начин економично да се патува од еден до друг македонски град е со автобус. Но, во 2023 година, кога сите информации се на интернет, во С. Македонија не може да се купи автобуска карта онлајн, а најголемиот број автобуски станици низ земјава немаат ниту веб-сајт.
Кон крајот на 2013 година беше промовиран веб-сајтот „Е-автобуска“, кој требаше да служи како платформа каде граѓаните од цела С. Македонија ќе можат да резервираат и купуваат автобуски карти преку својот компјутер или мобилен телефон, ќе имаат увид во возниот ред на превозниците и ќе добиваат разни новости и известувања за автобускиот сообраќај. Тогаш од Владата соопштија дека овој електронскиот систем ќе биде задолжително да се применува од превозниците и дека ако автобуските станици не почнат продажба на возни билети по електронски пат, може да ја изгубат категоризацијата.
„Како што можеме доколку патуваме со авион до одредена дестинација да резервираме авионски билет, со воведувањето на Е-автобуска исто така се овозможува на корисникот при купување билет да има графички увид во слободните места во самиот автобус и да го одбере саканото седиште“, рече тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Денес, една деценија подоцна, не само што не може да се купи билет преку оваа страница, туку веб-сајтот е комплетно нефункционален, а не работи дури ниту официјалната мејл адреса.
Кога внесувате било која дестинација, сајтот враќа информација дека „Не се пронајдени билети за внесеното патување“. Делот „планер за патување“ веројатно никогаш не ни профункционирал бидејќи кога ќе кликнете на тоа копче се појавува слика „модулот е во изработка“. Во делот „новости“ има само три текстови во кои скопската, битолската и штипската автобуска станица ги известуваат граѓаните дека од февруари 2014 година започнуваат со продажба на електронски автобуски билети.
Според интернет архивата „Wayback Machine“, електронската понуда на билети постоела во периодот 2014-2017, додека од почетокот на 2018 година веќе не постои можноста за купување билети онлајн.
Се обидовме за нефункционалноста на сајтот прашања да поставиме до официјалната мејл адреса оставена на порталот (info@e-avtobuska.mk), но по неколку секунди ни беше вратен мејл со известување дека оваа адреса не е пронајдена.
„Страницата е во завршна фаза на унапредување“
Дополнителен проблем е што оваа опција и понатаму е пласирана на видно место на сајтот на најголемата македонска автобуска станица во Скопје. На сајтот sas.com.mk при самиот врв постои копче кое ве води кон порталот Е-автобуска, што всушност претставува слепа улица и може погрешно да наведе граѓани или пак туристи дека постои можност за електронско купување автобуски билети.
Од компанијата „Руле Турс“ кои менаџираат со Скопската автобуска станица, на нашите прашања одговорија дека платформата била ставена во мирување поради технички проблеми кои се појавиле.
„Платформата Е-автобуска.мк е во фаза на завршно унапредување и поврзување на податоци од сите автобуски станици како и барање технички начин да се унапредат информациите за патниците кои влегуваат во автобусите од попатните станици. Ова се однесува за меѓуградскиот превоз, каде има многу попатни станици (стојалишта), со цел да нема дупли карти – односно некој да купил е-карта, а на попатна станица да има седнато некој кој не е евидентиран во системот. Ова се технички работи на кои се работи и се надеваме на брзо решавање. Се отстрануваат и уште некои мали технички недостатоци околу овој дел“, ни изјавија од „Руле Турс“.
Од концесионерот на Скопската автобуска станица дополнително додаваат дека поради пандемијата и забраните и ограничувањата не се работело на решавање на овие технички работи бидејќи превозниците биле во тешка економска состојба и имало други приоритети. Сепак оттаму уверуваат дека е во нивен интерес оваа платформа да профункционира и преку неа да се добие квалитетна услуга.
Од „Руле Турс“ велат дека во моментов се работи и на целосно нова интернет-страница на Скопската автобуска станица, на која ќе ги има сите можности – електронско купување билети, резервации и слично.
„Бидејќи се работи за многу податоци кои треба да се внесат, тоа одзема малку повеќе време и до почетокот на сезоната оваа година во мај се` ова ќе биде ставено во функција“, тврдат од „Руле Турс“.
Автобуска има, сајт нема
Од 20-тина автобуски станици кои постојат во С. Македонија при пребарување на интернет успеавме да најдеме само пет сајтови од автобуските станици во Скопје, Прилеп, Тетово, Охрид и Велес. Уште два други градови, Битола и Кавадарци, имаат сајтови од приватни автобуски превозници кои нудат информации само за својот возен ред.
Но и покрај овие информации граѓаните најчесто се принудени да се информираат за часовите на поаѓање на автобусите телефонски, или пак директно во самите автобуски станици. Тоа создава гужви и доцнења. Понекогаш никој не се јавува на телефоните за информации, а голем број граѓани често се принудени билети да купат од шоферите при качувањето во автобус.
Ниту една автобуска станица во државава не нуди електронско купување на билети, мобилна апликација или сличен сервис кој би им го олеснил превозот на граѓаните. Дополнително, ниту една автобуска станица на својот сајт не обезбедува информации на албански или друг јазик кој го користат помалите етнички заедници во земјава.
Скопската автобуска станица на веб-сајтот нуди прилично прегледен возен ред, но никој не може да биде стопроцентно сигурен дека тие се ажурирани и веродостојни, бидејќи на страницата има известување дека податоците се од информативен карактер и за подетални информации повторно ги пренасочува граѓаните на телефонскиот број на Станицата.
Веб-сајтот на Автобуската станица во Тетово всушност функционира како сајт на туристичкиот оператор „Сат-Бус“ кој управува со Станицата. На сајтот речиси сите содржини се реклама или промоција на „Сат-Бус“, додека во делот „возен ред“ може да се најде релативно прегледен список на локалните и меѓународните линии од градот. Еден од чудните прописи е што сајтот е исклучиво на македонски јазик и нема опција да се избере албански јазик иако во Општина Тетово преку 70% од населението го сочинуваат етнички Албанци.
Сајтот на Прилепската автобуска станица има слика од возниот ред и неколку фотографии, додека делот „новости“ е целосно празен. На сајтот постои и копче „резервирај билет“ кој води кон непостоечка веб-страница.
Сајтот кој се појавува при пребарувањето на Автобуската станица во Охрид е исклучиво на англиски јазик и има само штури податоци за линиите кои возат од и до Скопје. На сајтот има реклама за приватен сервис за онлајн купување автобуски билети и три сведоштва од 5 ѕвезди, на луѓе кои на Гугл објавиле позитивни искуства во користењето на услугите на Автобуската станица.
Најпосле, ако влезете на интернет-страницата на Автобуската станица во Велес таа е целосно фокусирана на возниот ред и освен контакт телефон и мејл нема никакви други дополнителни информации за посетителите. Возниот ред е прегледен и низ него може лесно може да се пребарува. Она што влегува во очи, што беше случај и со другите сајтови на автобуските станици, е рекламата на одредена туристичка агенција која на овој сајт е навистина џиновска и не можете да ја промашите.
Доколку на пребарувачите ја барате Автобуската станица во Битола, резултатите ве водат кон веб-сајтот на компанијата „Транскоп“ каде е достапен возниот ред само на автобусите од овој превозник.
Постојат повеќе европски и регионални платформи кои нудат онлајн купување карти од С. Македонија како „GetByBus“, „FlixBus“, „BusTicket4Me“, но овие сајтови нудат онлајн карти само за меѓународни патувања, додека понудата за автобуски превоз низ земјава е многу лимитирана и ограничена само на три-четири поголеми градови. Сепак, покрај понудата, дополнителен проблем е што овие платформи наплаќаат и провизија за услугата, што ја зголемува цената на билетот од 30 до 60 денари во еден правец.
Постои и приватна македонска платформа „Bus2Go“ која нуди и мобилна апликација. Овој сајт претежно е фокусиран на онлајн билети за меѓународни линии, но има и околу 10-тина линии низ С. Македонија за кои можат да се купат електронски билети од кои речиси сите поаѓаат или пристигаат во Скопје и Охрид .
Од Министерството за транспорт и врски се прогласија за ненадлежни за нефункционалноста на сајтот Е-автобуска.мк, додека на нашите прашања за евентуални казни за тоа што не се почитува системот за онлајн купување билети не` упатија одговори да побараме во Државниот инспекторат за транспорт.
Од Министерството не одговорија конкретно ниту на нашите други прашања за модернизација на меѓуградскиот и меѓународниот автобуски превоз, како и за тоа дали постои начин автобуските станици да се принудат да имаат веб-сајтови со одредени стандарди. Оттаму само не` информираа дека во моментов се во процес на изработка на нов Закон за превоз во патниот сообраќај, без премногу детали што тој би променил од сегашната ситуација.
„Ќе се воведат многу новитети со цел подобрување на условите за вршење на превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај како и поголема достапниот на информации од јавен карактер за граѓаните. Во оваа насока сакаме да споменеме дека Министерството за транспорт и врски изработи и промовираше нов модул https://etransport.mtc.gov.mk/home преку кој граѓаните можат да проверат дали соодветно правно лице има лиценца за вршење на одреден вид на превоз на патници како и да го проверат било кој автобус дали поседува извод од лиценца за вршење на одреден вид превоз на патници“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Прашања испративме и до Државниот инспекторат за транспорт, но до објавата на текстот оттаму не добивме никаков одговор.
Како е во регионот?
С. Македонија не е единствена во окружувањето со нефункционални сајтови на автобуските станици и недостаток на онлајн купување билети за меѓуградскиот автобуски превоз. При нашата анализа на веб-сајтовите на автобуските станици во главните градови на Балканот утврдивме дека електронско купување билети не нудат ниту автобуските станици во Белград, Тирана и Приштина.
Автобуската станица во Белград има прегледен локален и меѓународен возен ред, но нема опција за онлајн купување билети исто како и Автобуската станица во Приштина. За Автобуската станица во Тирана не успеавме да најдеме посебна веб-страница, но информации можат да се најдат на општинскиот сајт. Таму е достапен само возниот ред, но нема можност за онлајн купување, ниту има информации за цените на линиите.
Не успеавме да најдеме сајтови на автобуските станици во Сараево и Подгорица, а при пребарувањето се прикажуваат голем број резултати на приватни национални и регионални сајтови каде е можно електронски да се купат карти од овие две дестинации.
Автобуските станици во Загреб, Љубљана и Софија имаат лесен и едноставен начин за онлајн купување билети. Станицата во Загреб нуди купување онлајн билет за повеќе од 7.000 дестинации, а преку онлајн-формата корисниците добиваат информација за цената, видот на билетот, времето на поаѓање и стигање, превозникот, како и можност за избор на место за седење во автобусот. Слично е и со Автобуската станица во Љубљана која на едноставен начин ве води низ процесот на купување билет. И овде ги имате сите информации поврзани со превозот и превозникот, но немате можност за избор на место за седење. Автобуската станица во Софија нуди онлајн купување на билети и на насловната страница ги има сите важни информации за планирање на патувањето. Дополнително веб-сајтот нуди и информации за откажани автобуски линии. Покрај сите линии во земјата, достапни се само неколку меѓународни линии, меѓу кои и Скопје.
Во Грција не успеавме да најдеме сајт на Автобуската станица во Атина, но таму терминалите се управувани ексклузивно од најголемиот приватен автобуски превозник КТЕЛ кој на својот веб-сајт има информации за возниот ред и нуди електронско купување билети за најпрометните меѓуградски линии.
Даниел Евросимоски