Велика Британија се соочува со најголемиот штрајк на здравствени работници во историјата на Националната здравствена служба (НХС) бидејќи десетици илјади медицински сестри и работници во итната помош излегуваат на улици незадоволни од нивната плата, пренесува Н1.
Вработените во НХС започнаа серија штрајкови во декември за да бараат зголемување на платите во време кога инфлацијата во земјата е над 10 проценти.
Ова е првпат и болничарите и работниците во итна помош да штрајкуваат во ист ден, што ќе доведе до големи пореметувања во болниците кои и онака се во многу загрижувачка ситуација.
Организацијата која ги застапува болниците „NHS Providers“ ја повика јавноста да ги користи итните служби „разумно“ и предупреди дека службата се приближува до „критична точка“.
„И покрај преземените итни мерки, штрајковите кои оваа недела ги одржуваат синдикатите на итна помош и болничарите, неизбежно ќе доведат до дополнителни одложувања за пациентите кои веќе се соочуваат со подолго чекање поради одложувања поврзани со Ковид“, предупреди министерот за здравство Стив Барли.