Три македонски музичари номинирани на „HEMI Music Awards 2023“

Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации  – „ХЕМИ“ ги откри 27-те номинирани музичари за третото издание на „ХЕМИ Музички Награди“ (HEMI Music Awards) меѓу кои се номинирани и три македонски изведувачи и тоа: Дина Јашари, „Јон Ајди“ и „Перија“.

„Од вкупно 280 извонредни европски изведувачи, од разновиден спектар на жанрови, кои одговорија на повикот за учество, меѓународно жири на професионалци од музичката индустрија ги избра 27-те изведувачи кои ќе се придружат на ‘ХЕМИсферата’“, велат од „Пасворд Продукција“.

Перија

Овие номинирани соло изведувачи и групи ни доаѓаат од 9 држави во централна и југоисточна Европа (Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словенија) и ќе учестуваат во првата фаза на „ХЕМИ Музичките Награди“. Таа фаза вклучува воведни активности за номинираните, кои имаат за цел да помогнат изведувачите да го развијат својот капацитет за влез на нов пазар.

Дина Јашари

„Активностите на „ХМА“ ја комбинираат теоријата и праксата, а над се’ нудат животно искуство! Учесниците ќе имаат пристап до онлајн состаноци и предавања за збогатување на нивното знаење за музичката индустрија, особено проблемите во секторот за настапи во живо. Тие дополнително ќе добијат акредитации за учество на водечките европски изложбени фестивали и конференции, проследени со интернационално покровение во медиуми“, посочуваат од „Пасворд“.

Јон Ајди

Понатаму, велат тие, само девет (9) од 27-те номинирани во првата фаза (1 по држава) ќе преминат во втората фаза на наградите каде ќе добијат персонализирана поддршка, напредна обука и можности за соработка и настап на избраните „ХЕМИ“ партнер настани.

„Во третата и последна фаза на наградите победникот ќе добие поддршка за меѓународно унапредување со покриени трошоци за патување, учестување и настапување на главен европски музички фестивал, вклучително со промоција и можности да ја унапредат својата кариера на следно ниво“, соопштува „Пасворд“.

Запознајте се со номинираните на „ХЕМИ Музички Награди 2023“ од:

Чешка: Badfocus | The Silver Spoons | TooT Ensemble
Eстонија: Manna | Minimal Wind | OOPUS
Грција: MOBVIBE | LIA HIDE | VASSIŁINA
Унгарија: Del.grady | Ficture | Stone Sober
Македонија: Dina Jashari | Perija | Yon Idy
Полска: Francis Tuan | Fryderyk HD | Klawo
Романија: Catalina Cara | K not K | ROADKILLSODA
Србија: Ljubičice | MAiKA | Nataleé
Словенија: Birds of Unknown | Dora Tomori | The Crossroads

Инаку, „ХЕМИ Музички Награди – ХМА“ се талент – програма за изведувачи кои се спремни да ја развијат својата кариера и да освојат нов меѓународен пазар и публика.

„ХМА“ се организирани од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации  – „ХЕМИ“ (Hub for the Exchange of Music Innovation – HEMI), европска инцијатива која се стреми да ги поддржи уметниците и професионалците од музичката индустрија во Чешка, Естонија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.

Повеќе информации ТУКА