Линдан има и во водите на реката Вардар пред Велес, покажале истражувањата на професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на ПМФ. Загадувањето на подземните води од малата и големата депонија во кругот на ОХИС, но и од онаа во Пеленица која нема никаква заштита, се очигледни. Професорот Стафилов вели дека влијанијата не се задржуваат само на водите, туку загадена е и почвата и воздухот. Радиусот на контаминацијата само се претпоставува, но сигурно зафаќа голем круг во околината на некогашната хемиска индустрија, објави Мета.
Засега непознати се последиците од депонијата во Пеленица, која е надвор од дворот на фабриката, на место кое со децении се користело како излетничка локација за училишни екскурзии. За Стафилов особено е загрижувачка количината на депониран ХЦХ, што се претпоставува дека има околу 40.000 тони, но позитивно е што тие се ставени во дупка, а не на површината на земјата, како што се двете депонии во дворот на ОХИС.
„Количината од 40.000 тони е страшна, тие само се фрлале во дупката, се затрупале и се заборавиле. Откриени се случајно, по кажувања и сеќавања на поранешни вработени“, вели Стафилов.
Решенија за ова има повеќе, а истите се применуваат и во други држави во светот каде има депонии со опасни хемикалии и со многу поголеми количини од нашите.
„Пеленица, според мене, е најдобро да остане така, ама да се покрие со водонепропустлива мембрана и да се обезбеди дождовните води да не го раствораат линданот и да не ги загадуваат подземните води и со тоа понатаму да се пренесува загадувањето подалеку и подлабоко. За некој период, кој секако ќе биде многу долг, можеби ќе дојде до самопрочистување. Секако, најдобро е да се ископа и уништи, но тоа е и најскапо“, вели Стафилов.
Тој потврдува дека подземните води во тој регион веќе се премногу загадени, не само со сите изомери на ХЦХ, туку и со други токсични хемикалии, односно органски хемиски супстанции кои се користеле во ОХИС. Постојат опции водите да се прочистат, но тоа се многу скапи проекти, што тој не верува дека би биле остварлива можност.
Според испитувањата направени со повеќе бушотини и земените проби за потребите на Студијата која се правеше пред да започне чистењето на малата депонија, се докажало присуството на ХЦХ и други хемикалии во подземните води кои дренираат во Вардар. Како резултат на тоа, вели Стафилов, присутво на линдан е откриено и во реката Вардар пред Велес.
„Има апел да не се користат подземните води за наводнување или пиење во сите населби околу ОХИС. Во рамките на Студијата се земаа примероци и од зеленчук одгледан во бавчите што откри дека во него има присуство на ХЦХ“, посочува професорот.
Од Министерството за животна средина неодамна ги соопштија резултатите од испитувањето на неколку мерни места на локацијата, што докажуваат дека постои висока концентрација на ХЦХ (линдан) во покривниот слој. На длабочина помала од 20 сантиметри под земја има градежен шут и отпад од фабриката за стакло, а на само 50 сантиметри чист отпад од ХЦХ.
Во документот изработен од холандските експерти изработена е и проценка за ремедијација на овој локалитет и предложени се три опции. Од Канцеларијата за ПОПс велат дека првата е минималната опција, која е и препорачана да се изведе. Таа предвидува покривање на Пеленица, вклучувајќи го и насипот, за да се спречи директен контакт со контаминираната површинска почва и да се ограничи идната инфилтрација на дождовните води во локацијата. Предвидува и постојан мониторинг на контаминираните подземни води заради пропишување на евентуални ограничувања за нивно користење.
„Оваа опција се избира заради спречување на ризикот, но не и негово елиминирање. Постојат стандарди како се изведуваат овие зафати, контаминираното подрачје се покрива со глина, гео мембрани и гео текстил и на крај се пошумува, а околу депонијата се копа ров за собирање на исцедокот, кој постојано мора да се контролира“, информираат од Канцеларијата за ПОПс.
Средната опција, пак, значи исто така редуцирање на ризикот, но во поголем обем отколку минималната, со тоа што целиот отпад се откопува, дното на депонијата се обложува, отпадот повторно се враќа таму и се покрива на истиот начин како и во првата опција. Последната, максимална опција, е конечно решение за проблемот и предвидува елиминирање на токсичниот отпад со ископување и испраќање на уништување.
Влијанието на линданот и неговите изомери врз животната средина и здравјето на луѓето е огромно. Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.
Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ-честичките.
Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.
Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001 година, а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.