Радио МОФ ја враќа во погон рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Првичната идеја беше да тераме само за карантините, но продолжуваме да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Прва во реобновената рубрика ја имаме Ана Голејшка Џикова, поетеса и градско цвеќе што обожава осминки бурек, седум-осмински тактови и мир во светот.
Ова се нејзини #ПетАлбумиЗаПоДома, исто така со нејзин осврт кон музичките остварувања:
* * *
Пред да почнам да објаснувам за секој албум посебно, морам да кажам дека овде секако морав да изоставам неколку клучни артисти (Дејвид Боуви, Роисин Марфи, The Smits, Sufjan Stivens) затоа што за мене бирање омилен албум е како да треба да одберам сладолед само од ванила или чоколадо :)
Мојот широк спектар на музички галаксии, сепак одбра пет албуми на кои им го должи можеби сето внатрешно и надворешно создавање свест, свет, креации за сето време додека сум овде и постојам.
1.Pink Floyd – Dark side of the moon (1973)
Почнувам со Dark side of the Moon, албумот на Пинк Флојд кој ми го одбележа првиот сериозен контакт „со онаа страна“ на младоста. Имав 14 години кога од некаде до мене стигна The great gig in the sky и гласот на женскиот вокал ме стаписа. Подоцна во средно, тоа беше албумот на една моја љубовна врска. Бескрајно преслушување и паѓање во меланхолии и средношколски егзистенцијализам, прекрасно сеќавање.
2.The Doors – The Doors (1967)
За мене, психоделична врата (албумот на Пинк Флојд) кон следните „врати“. А тоа се The Doors. Нив ги имав како сознание од многу помалечка, но дојдоа како музичка есенција на мојот хипи-период во средно кога поезијата на Морисон почна да ми „лепи“ и да ми отвора врати. Со нив и истоимениот албум е еден огромен отисок на моето верување за светот, поредокот, бизарноста на војната и човечките слабости. Морисон – вечниот поет кој кога го гледам на фотографии и сфаќам дека има само 24, или 25 години на таа генијалност и си викам: WOW.
3.Depeche Mode – Playing the angel (2005)
Playing the angel од Депеш Мод е следниот мед во моите сеќавања, затоа што е веќе во години кога ја знаев цела нивна дискографија и ми беше некаков слатко горчлив, мрачно светол период на осознавање на длабочината на нивната музика. Тој синт дарк електро њу романтик или како сакате наречете го е длабоко всаден во моето постоење. Од Enjoy the silence до Јоhn the revelator, сите нивни патувања се и мои патувања. Гратис, Дејв Гаан е еден од најдобрите текстописци, а Мартин Гор најсладок со тие ушите.
Следно, романтиката на мојот свет се синт поп бендот А-ha, за кои најраното сеќавање ми е: јас и сестра ми скокаме на кревет кај братучед ми Рики (Ристе Трајковски, музичар) кој на синтисајзерот вежба партитури и потоа ја фаќа „Take on me“. Потоа, откривање на целиот тој фасцинантен скандинавски поп, и задршка на нивниот Analogue, кој ме фати додека студирав и ми го облагородуваше учењето.
5.Harry Styles – Fine line (2019)
И на крај, мојот шеќерен бостан :) Хари Стајлс. Тие што ме знаат, знаат зошто откачувам. Хари Стајлс не ми бил никогаш фасцинација додека беше во бендот One Direction. Oткако малку порасна, се заљуби, отиде на неколку места ваму и онаму, доби малку повеќе живот во музиката. Има трансформативна моќ и затоа го сакам. Fine Line како албум ми е овековечен во најгрдото време на човештвото, кога короната почна, јас го слушав овој албум скоро секој ден и се надевав дека We’ll be allright. Не знам дали сме, но знам дека Хари ме чуваше како што се чува писменце од симпатија.
* * *
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски