Родителите на учениците од МИГ бараат смена на директорката

По протестот на дел од талентираните ученици во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје, со реакции излегоа и родителите. Со писмо испратено до редакцијата на Умно.мк, родителите изразуваат незадоволство од директорката и бараат нејзина смена.

Реакцијата на родителите доаѓа по состанокот со директорката кој се одржуваше внатре во училиштето додека дел од учениците протестираа пред објектот. Во продолжение пренесуваме дел од ставовите на родителите изнесени во писмото објавено на Умно.мк.

„Како родители на надарените ученици од МИГ загрижени сме за опстанокот на оваа институција во обликот во кој беше предвидена да постои. Сметаме дека директорката ја води оваа институција во сосема спротивна насока и затоа бараме итна нејзина смена. Родителите на вчерашниот состанок не се согласија со ниту еден став на директорката. Срамна и понижувачка е нејзината изјава дека паметни деца како нашите можат да бидат манипулирани. Напротив, на децата кои од почетокот на оваа година гласно реагираа на неквалитетот на одреден професор, истата скоро секојдневно им вршеше притисоци. Децата кои ја бојкотираат наставата сега секојдневно трпат закани, а има индиции дека поради заплашувања дел од нив кои сакаат да се придружат на бојкотот, се откажуваат од тоа“, се вели во писмото.

Родителите, како што наведуваат, се загрижени дека поради самоволието на директорката, надарените ученици по математика и информатика нема да рескираат да се запишат таму. Дополнително, во писмото додаваат дека Гимназијата не оди во насока да ги афирмира најдобрите основци да се запишат во неа.

„Очигледно нема критериуми ниту комисија од стручни лица кои би биле одговорни за изборот на најповолен професор, па директорката со нејзината ,стручност’ има ексклузивно право на тоа. Загрижени сме дека поради нејзиното самоволие, надарените ученици по математика и информатика нема да рескираат да се запишат во МИГ. Ако ние треба догодина да одлучиме дали би го запишале нашето дете во оваа гимназија, со сигурност нема. После самоволното отфрлање на кадри од најпрестижните факултети и ангажирање на недоволно спремни професори, најголемиот дел од докажаните вистински експерти во областа нема да изразат желба да се ангажираат во МИГ. А, нашите деца се овде токму поради тоа што очекуваа таков профил на професори“, пишува во писмото.

Умно