Откако во петокот Министерството за култура ги објави резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2023 година, пристигнаа и реакциите од културните работници.
Оваа година Буџетот изнесуваше 12,5 милиони евра, а од Министерството истакнаа дека ќе се поддржуваат оние проекти кои ќе се во духот на разноликоста, традицијата и националниот идентитет. Дополнително, оттаму истакнаа дека годинава се евидентирани 3355 релевантни пријави, а поради нецелосна документација биле отфрлени 332 пријави.
„После наградите: ,,Роман на година”, ,,Европската награда за литература”, ,,ПЕН преводи” од Англискиот ПЕН, после преводи на речиси десет јазици, после сите промоции и гостувања во Париз, Брисел, Лајпциг, Франкфурт… мојот нов роман не е поддржан од Министерството за култура“, вели писателот Петар Андоновски.
Тој додаде дека станува збор за „класична освета на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска затоа што го критикував нејзиното работење“.
„Книжевни ветерници – или како да опстане издаваштвото без реална финансиска поддршка“, вели писателката Билјана Црвенковска, во врска со резултатите од конкурсот поврзани со издавачката дејност.
Таа истакнува дека „борбата со ветерниците“ се води години наназад, без разлика на министрите, комисиите, владите, буџетите -скратени или зголемени, еднакво распределени или не…
Во својата реакција Црвенковска пишува за тоа што македонските институции не го разбираат со издавачкиот сектор, а многу добро го разбираат европските фондови, странските фондови и министерствата/агенциите во регионот.
„Луѓето кои не се дел од фелата, ќе речат – ‘еј, честитки, сте добиле проекти, браво’ или ќе речат – ‘аии, види, добиле 8 проекти, што се жалат па овие’. Но, реалноста е дека доделените средства за тие 8 проекти, особено доколку сите се илустрирани книги со двајца автори – автор и илустратор, и колор печат на квалитетна хартија – се доволни за да се издадат едвај три книги, ако и толку“, објаснува авторката.
Таа нагласува дека годинава, доделените средства кај сите издавачи се недоволни за да се издадат книгите.
„Ајде да речеме дека комисиите не се доволно упатени во оваа проблематика, дека буџетите се скратени, дека е економска криза и така натака, тоа сето ни е јасно – но секторот не може да опстане без посериозна поддршка, затоа што книгите кои се „вредни“ и не се од оние бестселери кои немаат никаква книжевна вредност – едноставно не се продаваат доволно за да можат да бидат самоодржливи. Потребна е поддршка не само за издавање – улогата на Министерството за култура или на толку потребната Агенција за книга, туку и откуп од страна на библиотеките – кој кај нас практично не постои, со некои чесни исклучоци и минимални буџети“, вели Црвенковска.
Според Црвенковска, помала е фрустрацијата за недобиените изданија, бидејќи издавачите и авторите можат да најдат други начини за финансирање.
„Поголема фрустрација е онаа во врска со добиените проекти што не можеме да ги реализираме со едвај 50% или некаде дури и само 30% од потребната сума. И дилемата: дали да се откажеш или следната година пак да тргнеш со копјето накај ветерниците“, заклучува Црвенковска
За објавените резултати од Конкурсот на Министерството за култура, реагираше и вокалот на групата „Суперхикс“, Петар Младеновски, а вели дека е уморен од коментирање за темава веќе со години.
„Еве за мене на пример Тошо Филиповски за мене е современиот македонски рокенрол Цепенков и не треба воопшто да се дискутира или испитува што се’ направил во доменот на архивирање, документирање, колекциите, на македонскиот рнр а па и за поддршката на младата сцена да не отвораме тема. Одбиен е за речиси сите важни проекти од национален интерес“, посочува Младеновски.
Кои се националните приоритети на Министерството, допрва ќе треба да објаснуваат, заклучува Младеновски.
Тошо Филиповски, авторот на „Македонска рок енциклопедија“, посочи дека Министерството за култура ја одбило Монографијата за музичарот Горан Трајковски – МОНОГРАФИЈА: ГОТРА.
Истовремено, Министерството не ги поддржало и изложбата „60 години рок музика во Македонија“ – ретроспектива низ неколку илјади артефакти, грамофонската плоча „Историја на македонскиот рокенрол“ – македонски панк и хардкор 1979-1994, серија предавања за историјата на македонската рок музика за македонските иселеници во Њујорк, Чикаго, Детроит, Атланта, за кои било побарано само авионска карта до САД.
„Наивно мислев дека минатата година згазнавме на дното ама изгледа можело и подолу….со тенденција уште повеќе да се понижи се што е вистински репрезент на она што исто така мора да се подразбира под – Националниот интерес во културата во Македонија – урбаната – рок, џез, блуз, панк, хеви-метал, електронска, амбиент, ло-фи, дарк, хип-хоп музика“, вели Филиповски.
„Горан и неговото 4 децениско творештво е знајачно, исклучително значајно за моите/нашите сограѓани, за Македонија, но не и за вас. Вие (и вашата комисија) веројатно и не сте слушнале за него. За исцрпувачкиот но возбудлив процес на истражување никогаш не сум барал средства… Тоа со децении го правам од љубов иако ете читам низ резултатите од конкурсот, дека со години се издвојуваат сериозни средства за тимско истражување низ слични проблематики, нешто што со години го работам САМ и со сопствени финансии“, заклучува Филиповски.
Објавени резултатите од конкурсите за проекти во културата за 2023 година
Ивана Смилевска