Дали некогаш, кога сте шетале низ Градски парк сте сретнале група деца која игра некаква игра со коцки и запишуваат нешто со моливи на обична хартија, мислејќи дека се обложуваат за некој денар повеќе? Дали кога сте смениле канал на ЕДО или Телма сте го начекале оној филм каде има некако солидно компјутерско генерирани змејови кои се тепаат на небото, а долу на една висока кула го гледате Џереми Ајронс како претерано вреска за некакво владеење со светот и си мислите – дали е тоа стварно Џереми Ајронс, а второто прашање е – што мајка бара Џереми Ајронс во филмов?
Дали некогаш сте добиле покана од некој другар да играте некаква игра за време на викенд која вклучува коцки, хартија, моливи и некакви книги, а сте одбиле бидејќи сакате да бидете оставени на мира? Дали во последно време сте приметиле наплив на популарна содржина која вклучува елфи, луѓе, џуџиња, магии и спектакуларни авантури? Тогаш, голема е веројатноста дека сте дошле во контакт со Зандани и змејови (Dungeons and Dragons), најпопуларната, најуспешната и најкомерцијалната друштвена игра на сите времиња, нешто што трае повеќе од добри 40 години, со повремени падови и некои безизлезни ситуации. Затоа, не е лошо да си извадите нешто за пиење (пиво е препорачливо), да си запалите луле и да седнете во удобна позиција, бидејќи ова е почетокот на една интересна приказна.
Што е Зандани и змејови? Во најкратки црти, тоа е друштвена игра со улоги, каде ти, читателу, собираш свое друштво, со можеби најоптимален состав од петмина за да одиграте барем една сесија-кампања. Кампањата е во еден фиктивен свет, исполнет со кралства, многубројни раси, некои добри, некои лоши, некои помеѓу. Низ кампањата ве води господарот на занданата (dungeon
master) и тоа лице е најважно, бидејќи господарот на занданата треба да го знае сетингот, правилата на играње, правилата за секој лик кој игра, ги пополнува сите можни предели со пријателски и непријателски ликови, тајни и мистериозни локации исполнети со секакви стапици и чудовишта.
Останатите добиваат лист со податоци кои треба да се пополнат со податоци за тоа што секој сака да биде. Дали сакате да бидете машки Елф? Нивната раса има предност со користење на лакови и стрели и кратки мечеви, со блага предност во обивање врати, прикрадување и џепарошење. Или можеби Човек, иако по описот звучи како најосновна и неатрактивна раса. Џуџе или Полу-Орк се најверојатно полесната опција, кои се одлични борци во борба гради в гради и доволни им се мечеви, секири или воени чекани. Потоа следува изборот на класата. Има многу класи, секоја со свои предности и маани, од воин, паладин, крадец, асасин, до волшебник и друид, секоја со своја подкласа. Можеби сакате да бидете маѓепсник, изборот на магии делува примамливо, но таков лик можеби не е погоден како прв лик, па сакате да ги тестирате водите со нешто поедноставно, па се навраќате на Џуџето или Полу-Оркот кои се добри како борци. Ја избравме расата, ја избравме класата, го избравме полот. Следува пополнување на некои статистики како сила, умешност, конституција, интелигенција, мудрост и харизма. Во секоја статистика можете да ставите одреден број на поени, но бројот е ограничен. Затоа мора да се внимава во што сакате најмногу да инвестирате, бидејќи на крајот на краиштата многу важни акции, како твоите, така и на другарите ќе зависат од фрлање на коцките и думање околу математика.
Интелигенцијата е важна за волшебниците затоа што успешноста на нивните магии зависи то тоа, силата е претежно за оние кои сакаат директна борба и нанесувае на силни удари кон противниците, додека харизмата е нешто наменето за оние кои сакаат преку гласовна способност да стекнат потребна информација, да убедуваат непријатели, или да го изблефираат своето бегство од тешка ситуација. Откако завршивме со пополнувањето на статистиката во секое поле, стартното ниво, изборот на опрема, облека, оружје, како и приклонетоста кон тоа каков лик сакате да бидете по морални убедувања (добар со почит кон законот, неутрален, хаотичен злобник итн), играта може да почне.
Господарот на занданата го опишува местото каде ти и друштвото сте сместени – се наоѓате во некоја таверна. Таверната е како и секоја таверна, од камен и дрво, со силно потпалено огниште. И како што господарот ги опишува сите детали, полека го визуелизираш местото, а на другарите им се менуваат контурите, изгледот и алиштата. Првиот изгледа како старец со бела брада, облечен во црвена наметка, во левата рака цврсто држи дрвен стап, за каишот му е врзана книга. Вториот има интересен, може да се нарече, боемски стил на облекување. На прв поглед се чини дека има доволно злато за да купи замок, но со пофокусиран поглед, облеката не е испрана веќе неколку дена, а на некои места има по некоја посекотина. Позади грбот, како бебе коала е прикачена лута. Другарката до тебе е посуптилна. Не изгледа како некоја која би се тепала, туку повеќе би сакала да се држи до сенките. Има одлично чувство за перцепција, а лицето и е малку покриено со темносива качулка. Конечно ги креваш дланките и ги погледнуваш – рацете ти се зелени, прстите цврсти и дебели, чиниш дека можеш да свиткаш железни решетки како од шега. На
масата го имаш спуштено твојот верен дворачен меч. Овде сте собрани бидејќи сте платеници, кои некое време крпат крај со крај. Сигурно мора да има некаква работа за вас. За ваша среќа, на огласната табла надвор од таверната има натпис: се бараат храбри авантуристи кои можат да ги решат проблемите во канализациите на градот Дандавал. Веќе неколку дена сите одржувачи на
водоводниот систем кои влегле во канализациите немаат излезено. Организирани се две групи на доброволци, но и тие се исчезнати. Оној, или оние кои ќе ја откријат мистеријата и ќе го решат изворот на проблемите ќе добијат вкупна награда од 500 златници. Следуваат дополнителни 100 златници за спасување или дознавање на судбината на исчезнатите. Се договарате меѓусебно за планот. Или не, туку ќе импровизирате. Ваш избор. Полека ги земате сите ваши потребштини и се упатувате кај најблиската шахта кај која има стражар и знак за предупредување. Му објаснувате на стражарот за вашата намера. Стражарот ви дозволува да поминете, со скришен коментар дека сте само уште една група на вознесени будали. Сакаш нешто да му прокоментираш, но за џабе, само ќе се скарате. Ја отстранувате шахтата. Влезот е црн и празен, како секоја информација која би
можела повеќе да ви помогне. Еден по еден се симнувате и полека ги потпалувате факелите. Стражарот ви довикнува „среќно“ и ја затвора шахтата.
Во раните 1970-ти години, во САД своја одредена популарност кај избрана публика имаат воените друштвени игри. Тоа се игри каде се местат рачно изработени терени и каде двајца играчи располагаат со свои воени единици. Играта е на потези со свои правила и играта е секогаш еден против еден. Во тој период, Гери Гајгакс, голем ентузијаст на друштвени воени игри креира своја воена игра. Оваа би се разликувала од другите затоа што периодот на играта е во средниот век, каде наместо пешадии, коњаници и топови, играчот ќе располага со единици на витези, копјаници и стреличари. Играта се викала Chainmail. Гајгакс во правилникот на Chainmail внесол дополнување со фантазиски елементи, инспириран од расказите на Роберт Хауард за Конан Варваринот, како и од Толкиновите дела за Средната Земја. Иако Chainmail била примена со добри впечатоци кај поблиското друштво, тие сметале дека најсочниот детал од прирачникот се наоѓа на крајот, кај фантазискиот сегмент. Ова последново создало неколку интересни идеи кај Дејв Арнесон, кој побарал од Гајгакс да му го позајми фантазискиот сетинг, на што Гајгакс се согласил. Арнесон поминал некое време да создаде комплетен фантазиски свет користејќи работи од оригиналната книга, но истовремено менувајќи некои работи, како и додавање на нови елементи, па така Арнесон ја создава играта Blackmoore, која повеќе е авантуристички ориентирана, и
наместо играч против играч повеќе ќе се цени духот на кооперативноста. Арнесон ја предложил Blackmoore со поинаквите системи од оние кои до тоа време се користеле кај друштвените воени игри на GenCon, најголемата конвенција за фанови на воени друштвени игри. Гајгакс бил многу фасциниран од ваквиот тип на игра и му предложил соработка на Арнесон, по што истиот ја
прифатил. По некое време на добар брејнсторм, Гајгакс и Арнесон во 1974 година ја креирале Dungeons and Dragons во рамките на нивната штотуку основана компанија TSR, поточно првата едиција. DnD била сосема поинаков тип на игра, нешто на што фановите на воени игри не се навикнале. Но, постепено интересот за DnD се зголемувал, иако тоа доаѓало со свои проблеми.
Првата едиција страдала од крутост, како и секој прототип на било што во човековата историја. Со првото издание доаѓале многу правилници, но и многу нејаснотии поврзани со раси, класи, статистики, правила и детали за играње. Како и се друго, по тест фазата, накај 1979 година се појавува Advanced Dungeons and Dragons (без Арнесон кој во тоа време не е повеќе дел од TSR) за да може подобро да се исполираат работите, со малку книги кои содржат концизни информации за начинот на играње – прирачникот за играчи, прирачникот за чудовишта и прирачникот за господарот на занданата, секоја со своја секција за расите, класите, правилата на играње, каков тип на чудовишта постојат итн.
После расчистувањето на маглата со помош на AdnD и привлекувањето на голема база, која од играчите на воени друштвени игри, која од луѓе кои воопшто не чуле за друштвени игри, може да се каже дека на Гери Гајгакс и неговата TSR компанија им се насмевнала среќата и дека можат да пловат во мирни води. Но животот, како и самата игра е нешто што е далеку од пловење по мирни води. А што им принесол господарот на занданата на Гајгакс и компанија е приказна за наредната прилика.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.