Македонската влада со Планот за чист воздух, односно Програмата за намалување на аерозагадувањето, на крајот од 2018 година вети дека во текот на 2019 и 2020 година на тогашниот топлински оператор БЕГ ќе бидат приклучени 10.000 нови домаќинства во Скопје, а топловодната мрежа во Скопје ќе биде проширена.
Мета.мк пишува дека ова владино ветување до изминувањето на рокот на крајот на 2020 година е неисполнето. Но, оваа мерка за намалување на емисиите на загадувачки супстанци од затоплувањето на домаќинствата е извонредно актуелна до денешен ден.
Владата на 15 ноември 2018 година ги презентираше планот и програмата за намалување на аерозагадувањето во земјава, при што беше претставено дека Програмата за намалување на аерозагадувањето ќе се имплементира во 2019 и 2020 година во сите сегменти. Еден од најзначајните делови од оваа програма што ѝ беше претставен на јавноста, беа приоритетните активности, под точка 4 на страниците 4 и 5 од Програмата, за намалување на емисиите на загадувачки супстанци од затоплувањето на домаќинствата.
Како една од целите што треба да ги постигнат овие активности е наведена: „10,000 домаќинства приклучени на постоечкиот топлински оператор (БЕГ). Топловодната мрежа е проширена“.
Ова ветување го спомена и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на прес-конференцијата одржана на 15 ноември 2018 година.
„Како најголем извор на загадување, најмногу активности ќе бидат имплементирани од овој сектор. Имајќи предвид дека субвенционирањето не е најсоодветниот и најефикасен начин за поттикнување на промени, а во исто време може негативно да влијае врз пазарните активности во овој сектор (понудата и побарувачката на нови технологии и енергенси за греење), активностите ќе бидат насочени кон изнаоѓање на модели за поттикнување на приватните компании да понудат посоодветни пакети, а домаќинствата полесно да можат да се одлучат да ги променат технологиите за греење“, се наведува во Програмата за намалување на аерозагадувањето.
Мета.мк ги спореди резултатите за бројот на домаќинства што се регистрирани на системот за централно греење на БЕГ во Скопје, во периодот од крајот на 2018 година, споредбено со 2019 и 2020 година. Овие податоци се објавени во Годишните извештаи за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) за 2018, 2019 и 2020 година.
Заклучно со 31 декември 2018 година, системот за топлинска енергија кој го управувал Балкан Енерџи Груп (БЕГ) имал вкупно 51.357 потрошувачи, при што бројот на домаќинства што бил приклучен на централното парно греење на БЕГ изнесувал 50.248 домаќинства, се наведува во Годишниот извештај за работењето на РКЕВУ за 2018 година. Доколку се земе во предвид владиното ветување, на крајот од 2020 година во Градот Скопје на системот БЕГ би требало да има околу 60.000 домаќинства што би биле приклучени на централно парно греење.
Сепак, во реалноста ваквите бројки не се достигнати. Годишниот извештај за работењето на РКЕВУ за 2019 година покажува дека системот за топлинска енергија на БЕГ имал 53.281 потрошувач, од кои 52.164 биле домаќинства. На крајот од 2020 година, на системот на БЕГ биле приклучени 55.092 потрошувачи, при што топлинска енергија во своите простории добивале вкупно 53.970 домаќинства, се наведува во Годишниот извештај за работењето на РКЕВУ за 2020 година.
Ова практично значи дека од крајот на 2018 година до 31 декември 2020 година на системот за топлинска енергија на БЕГ биле приклучени вкупно 3.722 домаќинства, а не како што било ветено – 10.000 домаќинства. Податоците ги споредивме и со другите два система за производство и дистрибуција на топлинска енергија во Скопје – ЕСМ Енергетика и Скопје Север.
Податоците од Годишните извештаи за работењето на РКЕВУ покажуваат дека ЕСМ Енергетика во 2018 година имала 3.641 домаќинства како потрошувачи, една година подоцна ваквата бројка се зголемила на 3.654 домаќинства, додека на 31 декември 2020 година бројот на приклучени домови на централно парно греење бил 3.749.
Кај АД Скопје Север, бројките се минорно променети. Во 2018 година имале 455 домаќинства како потрошувачи, по 12 месеци оваа бројка се зголемила на 480 домаќинства, додека во 2020 имало 488 домаќинства што биле приклучени на централно парно греење преку овој систем.
Од Годишниот извештај за работењето на РКЕВУ за 2021 година може да се увиди дека бројот на домаќинства што биле приклучени на парно греење на системот на БЕГ изнесувал 55.687, на системот на ЕСМ Енергетика бројката била 3.843 домаќинства, додека кај АД Скопје Север имало 488 домаќинства.
Мета.мк ги побара податоците од АД ЕСМ за 2022 година, земајќи во предвид дека управувањето со најголемиот систем за топлинска енергија во Скопје – оној на БЕГ минатата година беше преземен од нивна страна. Според нивните податоци, заклучно со 31 декември 2022 година на системот „ЕСМ Снабдување со топлина“ биле приклучени 57.545 потрошувачи, од кои 56.454 биле домаќинства. Во 2022 година на топлификациониот систем на „АД ЕСМ – Подружница Енергетика“ биле приклучени 3.936 домаќинства, односно 4.011 потрошувачи.
Во делот од владиното ветување за должината на дистрибутивната топловодна мрежа во Скопје, податоците од Годишните извештаи за работењето на РКЕВУ за 2018, 2019, 2020 и 2021 година укажуваат дека има минимално проширување на инфраструктурата преку која би се доставувала топлинска енергија кон поголем број на потрошувачи.
Во 2018 година, БЕГ Дистрибуција располагала со 226 километри дистрибутивна мрежа, додека ЕСМ Енергетика имала 38 километри, а АД Скопје Скопје 10 километри. ЕСМ енергетика ќе ја зголеми инфраструктурната мрежа за еден километар во 2021 година на 39 километри, се наведува во Годишниот извештај за работењето на РКЕВУ. БЕГ Дистрибуција имала 226 километри во 2018 година, еден километар повеќе во 2019 година, додека во 2020 година оваа бројка се зголемила на 228 километри. На 31 декември 2021 година, БЕГ Дистрибуција имала топловодна мрежа во должина од 230 километри. Во 2022 година, „ЕСМ Дистрибуција на топлина“ изградила нови 1.373 метри дистрибутивна мрежа, додека „АД ЕСМ – Подружница Енергетика“ извела 180 метри заради приклучување на нови колективни објекти за станбено домување, информираат од АД ЕСМ.
Од крајот на 2018 до крајот на 2020 година, должината на дистрибутивната топловодна мрежа на територијата на Град Скопје се зголемила за само два километра кај сите три системи за топлинска енергија. Доколку ја земеме во предвид и 2021 година, за три години инфраструктурата била зголемена за само пет километри.
На мапата-приказ на системот за дистрибуција на топлинска енергија на БЕГ Дистрибуција за 2020 година, достапна на страница 113 од документот, може јасно да се види дека дистрибутивната топловодна мрежа, во западниот дел од Скопје, завршува во населбата Влае, односно сите населени места во скопските општини Ѓорче Петров и Сарај, воопшто немале можност за приклучување на централното парно греење во 2020 година. Ваквата состојба не е променета и на крајот на 2021 година, може да се увиди на страница 134 од Годишниот извештај за работењето на РКЕВУ за 2021 година.
Со преземањето на управувањето со дистрибутивната топловодна мрежа, АД ЕСМ од минатата година ја има одговорноста за проширување на бројот на корисници, но и за овозможување на заинтересираните граѓани и од други делови во Скопје, како што се општините Ѓорче Петров и Сарај, доколку сакаат, да им биде обезбедена инфраструктура за приклучување кон централното парно греење. Врз основа на анализата на достапните документи, можеме да заклучиме дека владиното ветување оти во текот на 2019 и 2020 година на тогашниот топлински оператор БЕГ ќе бидат приклучени 10.000 нови домаќинства во Скопје, а топловодната мрежа во Скопје ќе биде проширена, е неисполнето.