Зголемувањето на нивото на морето, влошено од климатските промени, го загрозува постоењето на идните генерации и сè повеќе придонесува за конфликти и нестабилност ширум светот, предупреди генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Подигнувањето на нивото на морето е иднината што тоне. Зголемувањето на нивото на морето не е само закана. Тоа е мултипликатор на закани“, рече тој во Советот за безбедност на ОН за време на состанокот за безбедносните ризици поврзани со порастот на нивото на морето.
Тој додаде дека „за стотици милиони луѓе кои живеат во мали островски држави во развој и други ниски крајбрежни области ширум светот, порастот на нивото на морето е поплава од неволји“.
„Порастот на нивото на морето им се заканува на животите и го загрозува пристапот до вода, храна и здравствена заштита“, рече Гутереш.
Гутереш укажа на штетните економски последици од навлегувањето на солена вода врз клучните индустрии, вклучително и земјоделството, рибарството и туризмот, како и оштетувањето на виталната инфраструктура.
Светската метеоролошка организација проценува дека нивото на морето во 1900-тите се зголемило повеќе отколку во кој било век во претходните 3.000 години.
Тој феномен делумно може да се припише на топењето на морскиот мраз во водите на Антарктикот и Арктикот, за кои организацијата процени дека биле на најниските комбинирани нивоа досега забележани во јануари.
За загрижувачкиот феномен придонесоа затоплувањето на површината и температурите на морето предизвикани од климатските промени.