Руската новинарка Мариа Пономаренко доби шест години затвор поради објава на социјалните мрежи за смртоносниот напад на руските авиони врз театар во Украина, пренесе Би-Би-Си.
Судот во градот Барнаул во Сибир ја прогласи виновна за ширење „лажни вести“ според законите воведени за контролирање на информациите околу руската инвазија врз Украина. Таа исто така доби и забрана да се бави со новинарство пет години.
Во нападот на театарот во Мариупол минатиот март загинаа стотици цивили.
Пономаренко беше уапсена минатиот април, неколку недели по бомбардирањето, поради објава дека руски авиони го извршиле нападот, иако руското Министерство за одбрана ги негираше таквите наводи.
Околу 1.200 цивили беа засолнети во театарот кога беше бомбардиран од руските борбени авиони. Украинските власти веруваат дека 300 луѓе биле убиени во нападот, додека истрага на Асошиејтед Прес покажа дека бројката на убиени е блиску до 600 луѓе. Голем дел од телата беа пронајдени во подрумите на објектот.
Амнести Интернешнл овој напад го карактеризираа како воено злосторство од страна на руската војска, додека мониторинг групата на ОБСЕ соопшти дека немаат никакви индикации за руските наводи дека нападот го извршиле украински војници.
Пономаренко е само една од големиот број руски дисиденти кои се затворени поради критикувањето на војната во Украина. Минатото лето, градскиот советник од Москва, Алексеј Горинов, доби затворска казна од 7 години поради видео во кое зборува против руската војна во Украина на состанок на градскиот совет. Во декември, пак, еден од најпознатите руски опозиционери, Иља Јашин, доби затворска казна од 8,5 години поради ширење „лажни вести“ за војската, откако на Јутјуб го осуди убивањето стотици украински цивили од руските окупаторски војски во Буха, во близина на Киев.