Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) денеска соопшти дека ги отфрла жалбите на дел од обвинетите и осудените лица од предметите што ги отвори поранешното Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува.
Судот едногласно ги отфрли жалбите со образложение дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат сите домашни правни лекови, додавајќи дека нивната одлука е конечна.
„Многу од апликантите биле членови на владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) во време на овие настани и имале високи јавни позиции, меѓу кои и премиер, министри и градоначалници. Тие се судат за наводни криминали поврзани и покренати од содржини на незаконско и масовно прислушкување. Тие добија претседателско помилување, кое подоцна беше поништено. По поништувањето тие беа судени, што е предмет во овој случај. Судот смета дека апликантите не успеале да ги искористат сите домашни правни лекови. Смета дека жалбата според Членот 6 (право на фер судење) е преурането бидејќи домашните власти имаат можност да ги адресираат овие прашања во престојните кривични постапки“, стои во соопштението за медиуми на Европскиот суд за човекови права.
Пред Судот во Стразбур од 2017 година се жалеа поранешниот премиер, Никола Груевски, екс-министрите за внатрешни работи и транспорт и врски, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, како и поранешните градоначалници на Битола, Гази Баба и Пустец, Владимир Талевски, Тони Трајковски и Едмонд Темелко.
Тие во тужбата имаа барање кривичниот прогон за нив да запре, со образложение дека еднаш даденото помилување кое им било дадено од поранешниот претседател Иванов не можело да се повлече.
Решението е резултат на жалбата во која се опфатени случаите на СЈО во предметите „Таргет-Тврдина“ (масовното незаконско прислушкување), „Титаник“ (изборни нерегуларности), „Транспортер“ (злоупотреба при организирање ученички превоз во Битола) и „ТНТ“ (уривањето на објектот „Космос“). Одлуката на Судот во Стразбур овозможува правните процеси во С. Македонија за овие случаи да продолжат непречено.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја поздрави одлуката на ЕСЧП, посочувајќи дека сите засегнати со постапките своите права треба да ги остваруваат пред домашните институции.
„По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур. Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава“, стои во реакцијата на Пендаровски.
Позитивен став за одлуката стигна и од Владата кои велат дека одлуката на ЕСЧП е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.
„Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП). Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува на 6 случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Република Северна Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови. Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа прилика да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети“, соопштија од Владата по објавувањето на одлуката.