Учениците од државната Математичко-информатичка гимназија (МИГ) во Скопје по минатонеделниот протест и бојкот на настава, денес повторно јавно бараат нови професори.
„Во наредните неколку дена имаме средба со министерот за образование, Јетон Шаќири така што се надеваме дека со него ќе дојдеме до некое заедничко решение. Во спротивно веќе некои ученици почнаа да се отпишуваат, а доколку ништо не се смени повеќето од нас го делат истото мислење“, истакнува ученичката Емилија Николовска преку видео објавено од Организација за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС).
Таа додава дека за нивните барања зборувале со директорката, но од неа не добиле никаква соработка и како што велат не согледале желба за напредок, туку закани за неоправдани изостаноци и намалено поведение
Минатата недела покрај протест на учениците пред објектот на МИГ, се одржа и протест на родителите пред Министерството за образование и наука (МОН) кои ги поддржаа учениците.
Директорката на Гимназијата, Јулија Гајдаџиева во интервју за Умно.мк ги негира изјавите на учениците дека не е отворена за соработка, и вели дека се работи за паралелка ученици изманипулирани од професори кои излегуваат на протест. Според Гајдаџиева, за вработувањето на професори е постапено според посебниот Закон за МИГ.
Како што објави Телма, од МОН одговориле дека изборот на кандидатите кои се пријавиле на огласот на МИГ е извршен согласно критериумите за ангажирање на истакнати стручни лица, со договор на дело.
Незадоволни од новите професори, учениците од МИГ бојкотираа настава