[Подкаст] Мегафон: Млади се вмрежуваат за еднаквост

Активисти од цела држава кои работат на родова еднаквост, ЛГБТИ+ еднаквост и меѓуетнички соживот се здружија во Младинска мрежа за еднаквост, која периодов беше лансирана во склоп на петтиот роденден на Здружението за едукативен развој, Еквалис.

Како оперативно дело на организацијата, мисијата на Мрежата е да ги вклучи младите од маргинални идентитети во процесите на донесување одлуки, да ги елиминира стигмите, предрасудите и стереотипите преку безбеден простор, активизам, лобирање и локална волонтерска работа.

Во нашиот подкаст #Мегафон, средношколката Софија Матовска објаснува зошто една од нивните први цели им е да ги мобилизираат младите за ангажман во општествено корисни движења.

„Во друштво, правиш муабет за некоја тема и одма излегува прашањето за иднината: ‘тука или надвор од државава?’. Значи, автоматски е помислата дека надвор е посјајна и поблескава твојата иднина. Мислам дека тоа е најголемиот проблем што го имаме. Затоа е нормално дека сакаме нешто да смениме, да ја направиме Македонија местенце кое не се гледа како ‘пропаст’, туку дека нешто може да се спаси“, вели Матовска, која е дел од Мрежата.

Таа потенцира дека запознала повеќе млади врсници што имаат желба, мотивација да направат некоја промена, но им недостасуваат ресурси, можности, конекции со луѓе. Токму тоа го овозможува Мрежата.

„Мрежата нуди обединување и можност да го искажеш своето мислење, навистина да чувствуваш дека правиш промена, независно дали е тоа преку теренски акции или работилници. Ние сме пилиштарци, повеќето сме деца, но кај членовите што ги запознав има желба, која очигледно потекнува од некое лично искуство и таа добра иницијатива може да се прошири“, вели Матовска, потенцирајќи дека Мрежата вклучува млади со различен бекграунд и етникуми.

Еден од столбовите, т.е. стратешки определби на Мрежата е родовата еднаквост. Во овој дел, меѓу другото, посочуваат на недостатокот на жени на високи работни и академски позиции, на потребата за безбедност и заштита од сексуално вознемирување, но и на охрабрување на мажите да побараат психолошка и емотивна помош. Понатаму, посочуваат дека ќе работат и на недостапноста до здравствени права поради патријахални ограничувања (гинеколошки услуги), на поддршка на иницијативите за платено породилно…

„Сакаме да лобираме и за неколку работи кои е се’ уште рано да ги споменувам. Баш сега си кроиме и годишен план, каде ќе почнеме со активности. Ќе присуствуваме и на Осмомартовскиот марш што следи“, напоменува Матовска.

Таа потврдува дека секој може да им се приклучи, да ги заследи преку социјални мрежи, само треба да преземе мотивација и одговорност.

„Мрежата е со хоризонтална структура и секој има еднаков глас и кажува што мисли. Немаме некој надреден. Немаш притисок. Си ја гледаш како свое детенце, како свој проект и си ги шириш своите вредности. Целта не е само да одиме со скопските деца, туку да се прошируваме и низ другите градови. Сега имаме луѓе од Битола, Прилеп, Струмица, Радовиш, Валандово, Гостивар, Дебар… Имаме  акции во други градови каде буквално застануваме на улица и посочуваме на разни проблеми. Во помалите градови не си толку сретнат со ентузијазам, со добра намера и обично те разминуваат. Но, ние сме упорни. Капка по капка, се надеваме на повеќе притисок и дека нешто ќе се промени“, вели Матовска.

Мрежата e планирано да работи и на проблемите со кои се соочува ЛГБТИ+ заедницата. Односно, меѓу другото, да прават анкети со ЛГБТИ+ лицата за нивните искуства, да се адресира насилството базирано на физички изглед и експресија, да се создадат безбедни друштвени простори во внатрешноста на државата итн.

Исто така, еден од приоритетите е меѓуетничкиот соживот. Тука сакаат да работат за елиминација на сегрегацијата во училиштата и етничките „чисти“ смени во училиштата. Дополнително, во фокус ќе биде и недостапноста што ја имаат Ромите за јавни простори, базени и дискотеки, но и недостатокот на едукација и ресурси на ромски јазик.

Бојан Шашевски