Во моментов има најмалку морски мраз околу Антарктикот откако започнале сателитските мерења во доцните 1970-ти години, предупредуваат експертите.
Иако на јужната хемисфера е лето, и се очекува помалку морски мраз, сепак оваа година тоа е на исклучително ниско ниво, велат од Националниот центар за податоци за снег и мраз.
Она што е уште позагрижувачки е што мразот дополнително ќе се топи во текот на следните месеци.
Минатата година, претходниот минимален рекорд од 1,92 милиони километри квадратни бил регистриран на 25 февруари. Три од последните рекордни години со најмала количина морски мраз биле забележани во последните седум години – 2017, 2022 и 2023.
Научниците сметаат дека состојбата со морскиот мраз на Антарктикот е комплициран феномен и не може едноставно да се припише само на климатските промени. Анализирајќи ги податоците од последните 40-тина години на достапни сателитски податоци, површината на морски мраз покажува голема променливост. Надолен тренд на се` помали и помали површини под мраз во текот на летото се забележуваат само во последните неколку години.
Компјутерските модели предвидуваат дека би требало да се случува долгорочно намалување, слично на она што се случува во Арктикот, каде летниот морски мраз се намалува за 12-13% секоја деценија како резултат на глобалното затоплување. Сепак, Антарктик не се однесува на таков начин.
Податоците, кои не се сателитски, и кои покажуваат каква била состојбата од 1900 година сугерираат дека морскиот мраз на Антарктикот бил во опаѓање на почетокот на минатиот век, но потоа започнал да расте. Последниве децении податоците покажуваат голема променливост – рекордни максимални количини во текот на зимата и рекордно минимални количини во летото. Во текот на зимата покривката на морски мраз знае да достигне и 18 милиони километри квадратни.
Се претпоставува дека овогодишното рекордно ниско ниво на морски мраз било последица на невообичаено високите воздушни температури на западот и истокот на Антарктикот, кои беа за 1,5 степени целзиусови повисоки од долгорочниот просек.