„Ако ја ограничите нашата слобода, ја загрозувате вашата“, „Не се извинуваме за незгодни прашања“, „Стоп за агресивниот државен ПР“, „Нема да молчиме“ и „Политички партии, рацете подалеку од новинарите“. Ова беа само дел од пораките кои денеска новинарите ги испратија на протестниот марш кој започна пред Владата, а заврши пред Собранието.
Под паролата „Марш за одбрана на новинарското достоинство“ стотина новинари и медиумски работници пред овие две институции го изразија својот револт од лошите услови во кои работат, нападите, притисоците и заканите, како и потценувачкиот однос кон новинарите од страна на Владата.
„Сите истражувања укажуваат на тоа дека жените кои што се занимаваат со оваа професија се изложени на напади и за наша среќа тоа се уште се само вербални напади, но оттука ги повикуваме институциите за секоја една поединечна пријава брзо и ефикасно да реагираат бидејќи многу лесно вербалниот напад може да премине во физички“, рече новинарката Славица Филиповска.
„Колкупати сме биле навредувани, колкупати сме биле тужени од функционери, од нивните армии на ботови, од непристојни, непријатни, насилнички пракси на квази-медиумите кои се контролирани од сите партии во овој парламент. Време е Парламентот заедно со нас да сподели одговорност за информациите кои што ги креираме заедно за граѓаните“, посочи во својот говор пред Собранието новинарката Сашка Цветковска.
„Пред два дена добив „честитка“ од државата, дека ѝ должам 31.000 денари за судски трошоци зошто го изгубив спорот од прв степен и од потврдена Апелација. На онаа иста држава којашто во судот тврдеше дека јас сама себе сум се довела во опасност бидејќи на 27 април во Собранието не сум носела шлем или панцир, бидејќи тоа било настан од висок ризик. Јас уште еднаш, после овие години ќе порачам – држава без правда не може да биде држава. Македонија нема правда. Веќе не е ни селективна правда. Особено кога се новинарите во прашање“, напомена новинарката Душица Мрѓа.
Протестот го организираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) кои испратија повеќе барања до Владата и Собранието. Меѓу нив и итно стопирање на трендот на понижувачки говор од страна на министри, директори и политичари и ставање крај на агресивниот државен ПР кој ја зема работата на медиумите. Поддршка на новинарите и медиумските работници од локалните и регионалните медиуми, имплементирање на законите кои се важни во новинарската сфера и брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите.
„Сметаме дека вака веќе не може. Законите важни за медиумите не се спроведуваат. Јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите. Државниот ПР ја зема работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите – Владата создаде најголема редакција во земјата. Државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате ПР памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, а безбедноста на новинарите не е на нивото на кое треба да биде (…) Колегата Неври од Тетово го бркаа со секира, колегата снимател Љубо му удрија бокс пред камера. На колешка од ТВ21 ѝ бришеа снимки од мобилниот телефон. Директор пцуеше новинарка колешка од МКД. Гледаме тужби од бизнисмени и политичари за издржани истражувачки стории (…) Ваквиот амбиент не сакаме да го подржуваме и сакаме да му кажеме стоп. Треба да се случат промени“, рече претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Здруженијата најавија дека до Владата доставиле акциски план со рокови за реализација на сите барања.
„Не молчевме кога проникнуваше новинарството во оваа млада република. Не молчевме ни кога не тепаа, малтретираа, затвараа, кога не шиканираа и ги губевме нашите работни места. Баш напротив – се обидоа да создадат страв, а создадоа џин. Тој џин сме ние денеска овде. Тој џин нема намера да молчи и да затскрива ништо (…) Сведоци сме на една атмосфера во која новинарите и медиумските работници се се` повеќе шиканирани, напаѓани, навредувани, тепани, газени, малтретирани… Тој наратив потекнува од повеќе извори, но за жал гледаме дека и високи политички функционери си дозволуваат да навредуваат и омаловажуваат. Сметаме дека оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото граѓаните да бидат информирани“, порача претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Само последниве неколку месеци новинарските здруженија јавно реагираа во повеќе наврати кога од високи функционери се етикетираа, омаловажуваа и навредуваа новинари. Имаше повеќе случаи на вербални и физички напади врз новинари и закани на социјалните мрежи, обиди за цензура, одбиени акредитирации без никакво образложение, или пак беа спречени да ја вршат својата работа.
И.С. / Д.Е. / Б.Ш.