Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Борјан Гаговски, кој е студент, музичар, аматерски новинар и активист. Тој свири бас во „Lincoln Letter“ и „Vagina Corporation“, има пишувано за Радио МОФ и во скоро време е инволвиран со движењето Сите за МКЦ.
Ова се неговите #ПетАлбумиЗаПоДома, со негов осврт кон музичките парчиња:
* * *
1.Шарло Акробата – Бистрији или тупљи човек бива кад… (1981)
Се работи за единствениот самостоен студиски албум на Шарло Акробата. Слушајќи го албумот, се чини како членовите на бендот да имале премногу енергија, гласови и ставови меѓу нив тројца за да продолжат заедно да творат. Но, токму тоа разногласие го прави албумот тоа што е. Секој од тројцата членови додава нешто уникатно на целосниот звук со пристапот кон својот инструмент: Душан Којиќ-Која со главните мелодии на бас, Милан Младеновиќ со одлепена перкусивна ритам гитара и Иван Вдовиќ-Вд на тапани кој е постојано на работ на тоа да ги спои сите, но и да ги растури однатре. Сите тие елементи заедно се панкерска (и dub и пост-панкерска и ска) екстаза за слушање. Имало некоја посебна магија во Белград на почетокот на 80-те што ги родила сите бендови на „нови талас“ во тој период, како Шарло, Идоли и Електрични оргазам. Најголем доказ за истрајниот квалитет на оваа музика е тоа што овој нови талас сè уште е релевантен и служи како инспирација и за бендовите на нашиот нов бран и нивните албуми, како…
„Давор“ е првиот (но се надевам дека нема да биде и единствениот) full-length студиски албум на нашите Луфтанза. Побавен и поинтимен од претходните изданија, „Давор“ е навидум позрел, но во него постојано се кријат младешки гнев и анкциозност низ сите песни. Снимен во живо, во најбавните моменти ко да можеш да ги видиш како се гледаат еден со друг, Луфтанзовците и се синхронизираат за да им ја оддадат соодветната почит на овие осетливи и лесно кршливи песни. Најгласните моменти пак се заслужени катарза и хаос. Членовите на бендот ми се другари и сум неописливо горд не само со тоа како се имаат развиено како музичари, но и со тоа колку со нивната музика имаат створено некое заедништво околу нив и нивните настапи. Тоа заедништво мислам дека немаше да постои доколку не им беше музиката толку несрамежливо искрена и ранлива – токму тоа и им овозможува на толку многу млади да се поврзат со нивната музика.
3.Massive Attack – Mezzanine (1998)
Повторно уште еден хипнотизирачки бавен албум, но овој пат од електронскиот трип-хоп свет. Звучи исто толку гнасно, но и необјасниво привлечно, како што изгледа неговата корица. Секогаш си го замислувам албумов како да постои во некој мрачен клуб каде што сè се случува во успорена снимка. Повеќето песни се состојат од релативно малку музички елементи, но сите тие како текстури зафаќаат толку соничен простор што звучат масивно но и клаустрофобично. Секој елемент е толку прецизно, но органски, сместен што песните те влечат и водат низ своите светови. Албумот има и некаква безвременска продукција што иако е веќе 25 години стар звучи како да излегол утре. Обавезно да се случа навечер, на слушалки или на гласни звучници.
4.Ana Frango Elétrico – Little Electric Chicken Heart (2019)
Овој албум е еден убав топол пролетен ден. Ana Frango Elétrico ја следи традицијата на MPB, música popular brasileira (популарна бразлиска музика), но си гради сопствен музички свет. Инструментацијата е богата, интимна и левтерна, полна со топли гитари, клавири и труби. Преку едноставни текстови, низ овој свет нè води продирниот и слатко бунтовен глас на Frango Elétrico (што патем значи електрична кокошка на португалски). Слушателот има чувство како музиката постојано да се потсмевнува и да не се сфаќа пресериозно. Албумот е конзистентен, но сепак разноврсен – од нежните клавири и повлечените труби на „Saudade“ и бавното играње кое „Choloclate“ го поттикнува до кафанскато групно пеење на „Caspa“ и самба рокот и игривиот текст на „Tem Certeza?“.
5.King Gizzard & the Lizard Wizard – Butterfly 3000 (2021)
King Gizzard важат за еден од најважните модерни рок бендови, познати по тоа што речиси секој од нивните 23(!) досегашни албуми припаѓа на различен жанр – од треш метал и брз и бесен гараж рок до акустичен поп и прогресивен рок. Butterfly 3000 пак спаѓа во некаков чуден 70-ти synth pop, необично дурски и среќен за Gizzard. За мегафанови на овие Австралијанци како што сум јас, речиси невозможно е да се избере омилен албум. Всушност, не сум ни сигурен дека Butterfly 3000 ми е најомилен, но дефинитивно ми е најзначаен на лично ниво. Излезе во периодот кога јас бев на размена во Марибор на семестар – првпат да живеам надвор од дома. Беше многу битен период за моето осамостојување. Сепак, сиот тој личен развој го поминав низ многу чиста, речиси детска среќа. Како да било пишано токму во тој период од мојот живот мојот најомилен бенд да извади албум кој е толку ведар и полн со теми на метаморфоза и трансформација (како насловната пеперутка). Поради сето ова, овој албум секогаш ме враќа на едно убаво, среќно, надежно место во коешто се потсеќам дека созревањето не мора секогаш да е болно.
* * *
Радио МОФ ја врати во погон рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Првичната идеја беше да тераме само за карантините, но продолжуваме да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова
* * *