Изминатата година била најнасилна година за ЛГБТИ заедницата во последната деценија, покажува најновиот извештај на организацијата ИЛГА-Европа.
Организацијата во која членуваат ЛГБТИ здруженија од 54 земји од Европа и Централна Азија, забележала најголем број на смртни случаи во регионот во последните десет години предизвикани од напади врз заедницата и од самоубиства. Освен тоа, последната публикација документира и широко распространет говор на омраза од политичари, верски лидери, десничарски организации и медиумски експерти.
„Нападите врз ЛГБТИ луѓето со свесна и намерна желба да се убијат или повредат се зголемени до невидено ниво, вклучително два терористички напади кои се случија пред ЛГБТИ барови во Норвешка и Словачка, во кои беа убиени четири лица, а 22 беа осакатени. Постојат извештаи за уште повеќе убиства и многу самоубиства на ЛГБТИ луѓе ширум Европа, а не само во земји кои се сметаат за прогресивни“, се констатира во извештајот.
Во извештајот е наведено и дека во неколку земји е остварен забележителен напредок и тоа се должи на активистите и нивните заедници кои работат на унапредување на правната заштита.
Извештајот открива и дека иако говорот на омраза и неговите последици достигнале критични нивоа, сепак националните и локалните судови реагираат, а кривичното гонење е во пораст во неколку земји.
„Иако стануваме сѐ подобри во справувањето со исходите, фокусот треба да биде ставен на запирање на говорот на омраза во сите негови форми. Многу политичари низ Европа ја изразија нивната ужасеност од убиствата на ЛГБТИ луѓе оваа година, но и покрај тоа што секогаш се потребни јасни изрази на солидарност, тоа не се бави со основата на проблемот, а тоа е ширењето на користење омраза кон ЛГБТИ луѓето за политичка корист. Нашите лидери треба да најдат начини за проактивна борба со порастот на говор на омраза, отколку да се најдат во позиција да реагираат на неговите последици“, изјавила Евелин Паради, извршна директорка на ИЛГА-Европа.
Организацијата изработува своја „виножитна мапа“ во која Македонија се наоѓа на 31 место од 49 држави во однос на дискриминација и непочитување на човековите права.