Полицијата и жителите на крајбрежниот јапонски град Хамамацу останаа зачудени од големата железна топка која испливала на локалната плажа. Властите признаваат дека немаат идеја што може да биде овој предмет, а единствено што знаат со сигурност е дека нема да експлодира.
Топката голема околу 1,5 метри во дијаметар е центар на многу шпекулации откако се појави на плажата Еншу на брегот на Тихиот Океан, јавуваат локалните медиуми, пренесе Гардијан. На почетокот се стравувало дека тоа може да биде залутана морска мина, но експертите кои направиле проверка со рендгенски зраци ја отфрлиле оваа можност откако при нивните проверки утврдиле дека внатрешноста на предметот е шуплива.
Засега нема индикации ниту дека оваа топка била користена за некаков вид шпионажа од соседните Северна Кореја или Кина.
Полицијата започнала да ја истражува топката со портокалово-кафеава боја, која на одредени места изгледа `рѓосана, откако локална жителка ја забележала на песокот неколку метри од брегот додека била на прошетка.
A mysterious metal ball spotted on a beach in Hamamatsu City this week prompted local police to scramble the bomb squad. A careful examination revealed it is not a threat — but shed no light on what it actually is. pic.twitter.com/ytClWsP0bw
— NHK WORLD News (@NHKWORLD_News) February 21, 2023
Службениците ја заградиле локацијата и повикале експерти за експлозиви за дополнителни испитувања, но според новинските извештаи властите и понатаму не знаат од каде се појавила топката.
Еден локален жител кој редовно џогира по плажата вели дека не разбира зошто топката одеднаш станала центар на внимание.
„Таа е таму еден месец. Се обидов да ја истуркам, но не се помрднува“, изјавил тој за националниот медиум НХК.
Во еден момент полицијата го блокирала пристапот на 200 метри радиус околу топката, додека експертите безуспешно се обидувале да ја решат мистеријата.
Во јавноста се раширија многу теории околу тоа што може топката да претставува – од нешто што личи на предмет од популарната манга серија „Драгонбол“, до други кои веруваат дека НЛО паднало од небото.
Телевизиските снимки предизвикаа многу шпекулации на социјалните мрежи кои се подгреани од изјавите на властите во Јапонија кои тврдат дека изминативе неколку години биле забележани неколку кинески шпионски балони над територијата на државата.
Сепак, присуството на две рачки на површината на топката покажува дека таа може да се прикачи на нешто друго. Ова, пак, доведе до многу поедноставно објаснување – дека најверојатно станува збор за океанска пловка која се откачила од местото каде што била приврзана и испливала до брегот.