На 20 март 2023 година во 12 часот ќе се одржи поетско читање на археолошкиот локалитет Билазора кај Свети Николе.
Со поетското читање ќе се одбележи Светскиот ден на поезијата, а организатори на настанот се: Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Филозофскиот факултет при УКИМ, Општината Свети Николе и Меѓународниот Славјански универзитет од Свети Николе.
На манифестацијата ќе настапат поети – членови на ДПМ и автори од Свети Николе и соседните градови.
Манифестацијата „Билазорски видувања” ја иницираат Друштвото на писателите на Македонија и Филозофскиот факултет – Скопје, а ќе започне со поздравните обраќања на: проф.д-р Христо Петрески – претседател на Друштвото на писателите на Македонија, проф.д-р Ратко Дуев – декан на Филозофскиот факултет – Скопје, господин Дејан Владев – градоначалник на Општина Свети Николе и проф.д-р Јордан Ѓорчев – основач и директор на Меѓународниот Славјански универзитет – Свети Николе.
Од ДПМ велат дека се планира манифестацијата во иднина да биде традиционална и секоја година да се распишува Конкурс за најдобра песна од учениците во македонските основни и средни училишта на тема „Билазора”.